ФОТО: Премиерот Груевски се сретна со македонските иселеници во Париз

Премиерот Никола Груевски кој синоќа од Лондон се упати во Париз оствари средба со претставници на македонската дијаспора.

- Веднаш по пристигнувањето од Лондон дојдов на оваа организирана средба во Амбасадата со претставници на македонската дијаспора да воспоставиме комуникација, да оствариме контакти, да слушнееме што тие велат, како гледаат на Македонија и како тие можат да и помогнат на Македонија, изјави премиерот Груевски.

Ристо Бимбиловски, охриѓанец, кој дваесетина години живее во Париз, се занимава со моден дизајн и има свој бренд „Ристо“, а паралелно соработува и со други брендови, меѓу кои Луј Витон, каде што четири години е дел од дизајнерскиот тим, а работи и за Кензо. Вели дека многу работи го поврзуваат за Македонија, пред се родниот Охрид каде што ја изработува својата колекција во мала семејна фабрика: - Мојот бизнис на некој начин и помага на Македонија, а тоа и ми беше целта. Економски многу поприфатливо е колекциите да се развиваат во Македонија. Почнавме со петмина вработени, а сега имаме триесетина. Тоа е одредена помош за локалната економија, вели Бимбиловски.

На средбата со премиерот бил и Андриано Џеладин, скопјанец, кој 14 години живее во Париз, е вклучен во ТВ бизнисот. Тој е претседател на првата ромска телевизија отворена во ЕУ која емитува 24-часовна програма на ромски јазик. Засега има 17 вработени, а целта му е преку телевизијата, како што истакнува, да се развива ромскиот јазик и култура. – Имам амбиции мојата телевизија да биде Си-Ен-Ен на Ромите низ целиот свет, со претставништва насекаде во светот, почнувајќи од Балканот, вели Џеладин.

Денеска е предвидено премиерот да ги презентира можностите за инвестирање во Македонија пред француските бизнисмени.

04.12.2013 - 09:06
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега