Попоски: Да и се даде поддршка на ЕК да се реализираат препораките за Македонија

За Република Македонија, исто како и за Европската комисија, главниот предизвик останува недостатокот на одлука од страна на Европскиот совет и легитимно е прашањето во однос на тоа кои треба да бидат следните чекори оти Европската комисија би била во деликатна ситуација само да продолжи да повторува препораки, а на Советот да се одлага тоа прашање. Ова денеска го изјави македонскиот министер за надворешни работи, Никола Попоски, за изјавата на еврокомесарот за проширување, Штефан Филе.

Според министерот Попоски, кој исто така говореше на денешната конференција во Брисел, се работи за предизвик со кои треба заедно да се соочат ЕК, земјите-членки и Република Македонија.

- Македонија петта година ги има исполнето критериумите за водење на преговори, па недостатокот на одлука на Советот не ни помага да оствариме дополнителен напредок од аспект на процесот кој се води со Европската унија. Најдоброто решение е она кое го предлага Европската комисија, а тоа е отпочнување на процесот на преговори и работење заедно со онаа земја-членка што досега имала недостаток на волја за поддршка на тој процес, за надминување на сите преостанати билатерални прашања, што всушност е и наш интерес оти не можеме долгорочно да сметаме дека ќе го прошириме тоа поле на стабилност и добра регионална соработка ако не ги надминеме сите отворени прашања. Во таа насока ќе биде добро да и се даде поддршка на Еврокомисијата за да не биде доведена во ситуација само да ги повторува препораките, порачува Попоски.

Инаку, министерот престојува во дводневна работна посета на Брисел.

03.12.2013 - 16:08
Фото: 
Влада

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега