СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ е синоним за незаконски стекнат имот, ако имаат информации да ги достават во ДКСК

 

Белиот дворец на ВМРО-ДПМНЕ е синоним за криминал и незаконски стекнат имот врз грбот на граѓаните, реагира владејачката СДСМ по прес-конференцијата на пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ кој објави т.н. афера „Тајни имоти“ тврдејќи дека 123 државни функционери кријат имот вреден 30 милиони евра.

Според СДСМ, со судска пресуда за Талир 2 е докажано дека Белиот дворец вреден околу 7 милиони евра е незаконски, криминално стекнат, врз грбот на граѓаните, односно со пари украдени од граѓаните.

-ВМРО-ДППМНЕ ги крадела граѓаните, трупала имот, луксуз и пари на незаконски, криминален начин, додека граѓаните тонеа во сиромаштија и долгови. Милионски суми на пари биле злоупотребени. Деталниот урбанистички план три пати е менуван за ВМРО-ДПМНЕ да добие 12.000 квадратни метри за седиштето, а на местото на станбена зграда, да никне хотел. Криминалната шема за Белиот дворец е драстична, безобразна, епска. Кога зборува за имоти, ВМРО-ДПМНЕ прво нека си погледне во своите редови и својот дворец. Со кој пријавен имот и на каков начин Никола Груевски живее во Будимпешта?, се вели во дописот.

Од СДСМ велат дека доколку ВМРО-ДПМНЕ навистина поседува некакви информации за функционери кои не пријавиле имот и сториле некаков прекршок, тие треба да ги достават до надлежната институција а тоа е ДКСК, за понатамошно постапување.

 

24.10.2022 - 14:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа