Мицкоски: Владата го зголеми јавниот долг за 2 милијарди и 348 милиони евра
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во „јади бурек“ на ТВ Сонце вели дека Владата го зголемила јавниот долг за две милијарди и 348 милиони евра.
„Матрицата на владата е на крадење, лажење и многу корупција и криминал. Јавниот долг го зголемија за 2 милијарди и 348 милиони евра, повеќе се задолжуваат отколку што расте бруто домашниот производ и затоа Македонија има висока инфлација сме таму каде што сме парите ги крадат и не ги трошат ненаменски. Дека не зборувам на памет, направив мала споредба во делот на два параметри значајни во економијата, тоа е јавниот долг кој го има државата и бруто домашниот производ, колку државата произведува. Ако го гледате јавниот долг во овие 4 години власт на СДСМ бидејќи 2017 не е земена како заедничка година, со техничката влада, исто и 2006 е таков период. Така ако го анализирате овој 4 годишен период јавниот долг во владата на СДСМ е зголемен за 2 милијарди 348 милиони евра или просечно годишно е зголемен за 590 милиони евра. Во владата на ВМРО-ДПМНЕ од 2007 до 2016, јавниот долг е зголемен за 2 милијарди 893 милиони евра или просечно годишно по 290 милиони евра. Тие 590 милиони евра, а ВМРО-ДПМНЕ по 290 милиони, а не е земена 2022 година“, појасни Мицкоски
Мицкоски исто така посочи и дека кога во 2009 година се зеде обврзница од 150 милиони евра и тоа беше шокантно, тогашниот гувернер на Народна банка направи упад што ги дигна каматите и таа обврзница беше под жесток притисок, а тогашната опозиција СДСМ направи таков бунт и напад како да е најголем грев, а сега оваа влада на СДСМ се фали дека земала од ММФ 530 милиони евра.
- За 150 милиони евра имаа бунт, сега се фалат со 530 милини евра и коленичат за еврообврзница една милијарда евра. Во овие 4 години бруто домашниот производ пораснал за 1 милијарда 725 милиони евра или просечно тоа е 430 милиони годишно, а за истиот период долгот се зголемил за 590 милиони, а БДП за 430, салдото на крај е минуси 160 милиони евра. Ја задолжувале државата да ги крадат парите и да ги трошат ненаменски, истакна Мицкоски.
Мицкоски за бруто домашниот производ нагласи дека од 2007 до 2016 за тој период се зголемил за 4 милијарди 185 милиони евра или околу 418 милиони годишно и кога тоа ќе се спореди со јавниот долг доаѓаме до позитивна сметка на крајот од годината од 128 милиони евра.
- Владата на ВМРО-ДПМНЕ се задолжувала, но и ја развивала економијата и затоа бруто домашниот производ растел за 128 милиони евра повеќе од јавниот долг, а владата на СДСМ се задолжува, а бруто домашниот производ не расте и тие се задолжуваат за 160 милиони евра повеќе и затоа сме во оваа ситуација, зошто Македонија има висока инфлација, негативна сметка во трговската размена, изјави Мицкоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа