Продолжуваат усогласувањата за измените на Изборниот законик

На покана на Министерството за правда денеска се одржува продолжение на средбата меѓу претставници на институциите, Државната изборна комисија, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ОБСЕ за измените и дополнувањата на Изборниот законик. 

Од денот на распишување на изборите до објавување на конечените резултати за сите носители на јавни функции вклучувајќи ја и локалната власт да се забрани пуштање во употреба и започнување изградби со средства од буџетот јавни фондови, јавни претпријатија и други правни лица. Околу вака формулираниот предлог на СДСМ за измени во Изборниот законик претставниците на политичките партии одделија најмногу време.

- Тргнавме од потребата да се утврди правната рамка за ефикасно разграничување на партиската од државната функција, рече Рената Десковска со констатација дека за овој клучен предлог немало позитивна клима.

За претставникот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Тодоров, пак, првично гледано неприфатливо е блокирање на државата три до четири месеци и затоа е потребна поширока анализа.

- Предлогот е практично во тие три до четири месеци се што е во делот на капитални инвестиции да не отпочне, и тоа вака може да има прилично негативни последици по економијата. И мислам дека едно вакво решение ќа нанесе сериозна и несогледлива штета на државата, изјави Тодоров.

Министерот Блерим Беџети останува на ставот дека во нацрт верзијата на Министерството за правда се вградени најголемиот дел од препораките на ОБСЕ и ОДИХР.

- Легитимно право на опозицијата е да дава предлози. Тука сме да ги сослушаме иако за некои сметам дека може да доведат до блокирање на системот во државата за што не сум подготвен такво нешто да прифатиме. Методолошки ќе се договориме деновиве за конечна верзија која ќе оди во понатамошна владина и собраниска процедура, рече Беџети.

02.12.2013 - 16:31

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега