Единствена Македонија го исправа Ковачевски: Граѓаните сакаат избори
Единствена Македонија реагира на денешното интервју на Димитар Ковачевски за „Политика“.
Премиерот во интервјуто вели дека „граѓаните едноставно не сакаат избори“, па тоа предизвика реакција кај Единствена Македонија.
„Веруваме дека се работи за ненамерна грешка на Ковачевски во денешното интервју и притоа сакаме да го информираме Ковачевски дека граѓаните сакаат избори веднаш од најмалку три причини, прво, не сакаат влада која не ја ужива довербата на народот, второ, не сакаат влада со која државата плива во беззаконие, криминал, корупција, непотизам и трето, не сакаат влада која врши национално злосторство врз македонскиот народ со бришење на името, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ и откажување од Македонците во Пиринска и Егејска Македонија, односно, бришење на се што е македонско“, велат од партијата.
Од партијата велат дека народот не сака влада која доживеа целосен дебакл на своите политики на внатрешен и надворешен план.
„Со оглед на тоа што македонскиот народ и државјаните на Република Македонија во поголем дел сакаат избори, го повикуваме Ковачевски да се охрабри и да излезе на изборно соочување веднаш, на кое народот ќе одлучи за правецот по кој ќе се движи Македонија“, се вели во соопштението.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа