Лажел, фалсификувал, перел пари - млад скопјанец одлучил да се збогати

 

МВР поднесе кривична пријава против 30 годишниот скопјанец Р.И. за измама, фалсификување исправа и перење пари.

Скопјанецот кој имал положен брокерски испит, кон крајот на 2010 година, сакајќи нелегално да се збогати, го злоупотребил познанството со оштетеното лице. Знаејќи неговиот познаник дека поседува обични акции во повеќе акционерски друштва од Македонија, купени во текот на 2007 година на Македонската берза за хартии од вредност, (за кои оштетениот вложил 2.122.311 денари или 34.509 евра), најпрво ја утврдил точната состојба на сметката на оштетениот, искористувајќи го фактот дека  неговата мајка, работела како брокер во банка во Скопје.

Скопјанецот, без знаење на оштетениот, до Централниот депозитар за хартии од вредност, доставил барање за  промена на адреса на сметката на оштетеното лице со цел да ја смени постојната адреса на оштетениот и тој да не биде известен од страна на ЦДХВ за настанатите промени на неговата сметка во ЦДХВ, при што запишал адреса на живеење во Скопје.

Вака доставеното барање за промена на адреса на сметка било прифатено во Централниот депозитар за хартии од вредност и било спроведено, без да биде утврден идентитетот на подносителот на барателот за промена на адресата, бидејќи било сторено со прием преку телефакс од хотел од Скопје.

Р.И., адаптирал и изработил лажно полномошно со вметнување на податоци од оштетеното лице во кое навел дека може да ги купува и продава акции кои оштетениот ги подседувал, а парите од продажбата да бидат префрлени на неговата трансакциска сметка. Ова полномошно го доставил до Брокерското друштво со што го довел во заблуда, дека тој може да располага со предметните акции, односно истите да ги продаде.

Без согласност и волја на оштетениот Р.И. во периодот од октомври/ноември 2010 година во брокерската куќа од Скопје, со својот потпис дал повеќе налози за продавање кои биле веднаш реализирани на Македонската берза за хартии од вредност, преку брокерската куќа, по што откако биле порамнети сите трансакции и биле извршени сите продажби на предметните акции, на личната трансакциска сметка на пријавениот Р.И. во повеќе наврати, од брокерската куќа биле извршени уплати во вкупна вредност од  300.586 денари (или 4.888 евра).

Разликата помеѓу износот кој го вложил оштетениот за купување на акциите во 2007 година и продажбата на истите во 2010 година, дел се должи на паѓањето на цената на акциите на Берзата, а дел на намерата на Р.И. да ги продаде во најкраток рок по која било цена за да се стекне со противправна имотна корист. Скопјанецот, поголем дел од криминално стекнатите парични средства ги заменил за девизни средства во износ од 4.280 евра и ги пуштил во легалниот платен промет.

ФОТО: Канал 5

најчитано сега