Каква е улогата на медиумите во интеррелигискиот и интеркултурниот дијалог?
Дијалогот мора да постои, но не сам по себе, туку тој е почетна точка за одреден договор и резултат на одреден вид вредности и интереси. Медиумите во оваа комуникација играат значајна улога, беше истакнато на денешната пленарна сесија посветена на „Придонесот на медиумите за интеррелигискиот и интеркултурниот дијалог“ на Третата светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог што се одржува во Скопје.
Медиумите треба да информираат фер, слободно и точно, да ја негуваат културата на толеранција, да ги почитуваат човековите права и да го почитуваат сензибилитетот во известувањето. Тие треба да пласираат вистински информации до јавноста, а процесот да биде транспарентен. Да се подигне степенот на медиумска образованост, да се разбере пораката што ја пренесува веста и да се искористат сите можности што ги нудат новите медиуми. Ова се дел од пораките што беа искажани на оваа пленарна сесија на која учествуваа претставници од повеќе религиски групи и држави.
Џејсон Мико кој е почесен конзул на Република Македонија во Аризона, САД рече дека улогата на медиумите во интеррелигискиот и интеркултурниот дијалог е многу важна.
- Многу е важно да зборуваме за медиумите, но кога ќе кажам медиуми тоа значи зборуваме за филмот, музиката, литературата, игрите, секако и тука спаѓаат и информативните медиуми... Нивната улога во интеррелигискиот и интеркултурниот дијалог е многу важна. Медиумите обликуваат цели култури. Затоа сите медиумски работници имаат значајна улога во придонесувањето за меѓукултурниот дијалог, изјави Мико, кој исто така предупреди дека медиумите можат да придонесуваат, но и да го уназадат дијалогот. Она што во моментов него го фасцинира се социјалните медиуми: блоговите, твитер, фејсбук и други и нивната улога во културниот дијалог.
Проректорот за наставни програми и обезбедување и подобрување на квалитетот од Универзитетот во Лоџ, Полска Јарослав Плученик зборуваше за новите медиуми и различноста притоа фокусирајќи се на користењето на мобилните апарати и нивниот ефект.
Професорката Катица Ќулафкова од МАНУ во своето обраќање посочи на ново позиционирање на моќта и на проекциите на моќта на религиските институции во социополитичка и стратешка смисла ширум светот и според неа оттаму произлегува впечатокот за дизбаланс меѓу религиите.
- Светот се соочува со нов епистемилошки јаз меѓу различните религиски дискурси и со појавата на нова серија на догми, забрани и табуи во изразувањето, кои ги засегнуваат масовните, информативните и уметничките медиуми практикувајќи ги човековите права на слободно изразување искажуваат ставови спротивни и дисхармонични со актуелните толкувања на религиските канони и догми, вели Ќулафкова.
Според неа преведнува улогата на медиумите особено на визуелните уметности, филмот, телевизијата интернетот и книжевноста и тие се соочуваат со бројни опструкции, ограничувања и забрани. Се чини дека доаѓа до тивка колизија меѓу прокламираните универзални права на слободно изразување од една страна и практикувањето на таа слобода во контекс на религиските канони од друга, смета таа.
Интеркултурниот концепт на општеството во цела Европа па и на Балканот, како што истакна Ќулафкова, е опција за превенирање и осуетување на конфликтните колективни мемории, емоции, политики и стратегии.
МИА