Груевски: Религиската толеранција ни е попотребна од кога било

 

И оваа година, голем број странски и домашни гости учествуваат на Третата светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог. Конференцијата почна вчера попладне во Скопје, а денеска продолжува со три пленарни сесии за религијата и различностите.

Живееме во време кога потребата за дијалог и религиозна толеранција е поголема од било кога и кога истата ја штити дури и глобалната безбедност, истакна вчера претседателот на Владата, Никола Груевски.

-Денес живееме во време кога потребата од дијалог и религиска толеранција е поголема од било кога и истата потреба како никогаш досега влијае врз заштитата и одржувањето на глобалната безбедност. Религиите како чувари на духовното влијаат врз развојот на човечката душа и нејзините погледи кон светот, а миротворното однесување носи плод на соживот и хармонија за сите. Светиот Апостол Матеј пишува: „Благословени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји“. Токму затоа, нека секој од нас се посвети на својата од Бога дадена мисија да постане миротворец и допринесе за убавината на својот дом и својата татковина. Божјото царство е во срцето на секој човек и претставува основа на секоја заедница. Нека секој од нас погледне длабоко во себе и ги пронајде најубавите начини за приближување на различностите меѓу луѓето и различните религиски заедници, бидејќи преку меѓусебното почитување, соживот и размена на знаење создаваме траен систем на вредности кои допринесуваат кон одговорна и човекољубива световна власт. Јас сум уверен дека темите на оваа Конференција ги посочуваат областите на кои треба вредно да се работи во насока на исполнување на нашите заеднички цели. Владата на Република Македонија како досега, така и во иднина ќе ги поддржува сите иницијативи кои се однесуваат на јакнење на довербата и соработката меѓу народите, различните нации, религии и култури. Тоа е наша должност, како граѓани на Македонија која од секогаш била крстосница на разни култури и религии, што допринело да се создаде традиција на негување на етничката и религиска толеранција и широко почитување на универзализмот и хуманизмот, рече вчера премиерот Груевски во своето обраќање.

На првиот ден од конференцијата учествуваа 110 претставници од 31 земја и околу 150 интелектуалци и политичари кои се занимаваат со меѓурелигискиот и меѓуцивилизацискиот дијалог. На конференцијата не присуствуваат претставници од Исламската Верска Заедница и од Српската Православна Црква.

Светската меѓурелигиска и меѓуцивилизациска конференција ќе трае до 12.мај, а се реализира во рамките на Глобалната агенда на обединетите нации. Конференцијата е финансиски поддржана од македонската Влада и УНЕСКО.

 

 

најчитано сега