Северна Македонија и САД отворија ново поглавје на соработка, се обврзаа на продлабочување на билатералното партнерство

Северна Македонија и САД со Стратешкиот дијалог отвораат ново поглавје на соработка и се обврзаа за натамошно продлабочување и надградба на билатералното партнерство. Владите на двете земји вчера објавија Заедничка изјава по повод првиот состанок од процесот за Стратешки дијалог меѓу двете земји, што се одржува во Вашингтон во која се потврдуваат силните односи меѓу двете земји и се изразува задоволство за унапредувањето на заедничките приоритети за безбедност и просперитет на билатерален план, на европскиот континент и во целиот свет.

САД и Северна Македонија, во изјавата ја истакнуваат нивната силна поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, изборот за европска иднина и ја повикаа Русија веднаш да ја прекине војната и целосно да се повлече од Украина.

– Соединетите Американски Држави и Северна Македонија со оваа изјава ја потврдуваат посветеноста на регионалната интеграција на Западен Балкан преку политички, економски и безбедносни иницијативи и ја истакнаа својата поддршка за економската интеграција и просперитетот на регионот. Соединетите Американски Држави ја истакнаа важноста за унапредување на процесот на пристапување во ЕУ за Северна Македонија и Албанија што е можно поскоро. Тие го поддржаа конструктивното вклучување на Северна Македонија во регионалните иницијативи за стабилност и безбедност, како и намерата на Северна Македонија да стане членка на Иницијативата Три Мориња, стои во изјавата.

САД, се наведува во изјавата, со нетрпение очекуваат да ја поддржат работата на Северна Македонија со претседавањето со ОБСЕ во 2023 година.

 
Во однос на одбраната и безбедноста во заедничката изјава Вашингтон и Скопје ја истакнуваат стратешката важност од развивање на одбранбени капацитети од висока класа, спроведување билатерални вежби и активности за обука за подобрување на интероперабилноста и подготвеноста, како и важноста од исполнување на обврските на НАТО за поддршка на колективната безбедност.
Соединетите Држави, понатаму, оддаваат признание за достигнувањата на Северна Македонија во однос на модернизацијата и опремувањето на нејзините вооружени сили со напредни воени средства, како и напорите за унапредување на нејзината сајбер-безбедност и сајбер-одбранбени капацитети.

САД честитаа на развојот на Центарот за воена обука Криволак во Северна Македонија за да им служи на сложените обуки на сојузниците и партнерите во НАТО.

На планот на енергијата и животната средина двете земји во заедничката изјава ја повторија својата посветеност за зголемување на енергетската диверзификација и независност во поддршка на националната безбедност и на начин што ќе ги спречи најлошите влијанија од климатските промени.
САД и Северна Македонија, се додава, ја истакнуваат својата посветеност за зајакнување на партнерството во транзитот и производството на обновливи извори на енергија.

Во заедничката изјава по повод почетокот на процесот за Стратешки дијалог, САД и Северна Македонија ја потврдија својата посветеност да ги прошират образовните, културните и професионалните размени кои поттикнуваат меѓусебно разбирање меѓу луѓето од двете нации и ги одразуваат заедничките вредности, аспирации и цели.

Двете земји се посветени на промовирање на демократијата, владеењето на правото и човековите права и на регионално и на глобално ниво, и се надоврзуваат на обврските од Самитот за демократија чиј домаќин беше претседателот Бајден.

Во заедничката изјава по повод почетокот на процесот за Стратешки дијалог, двете земји ја потврдија заедничката посветеност за проширување и продлабочување на билатералната економска и трговска соработка.

Во изјавата се посочува дека САД ја препознаваат Северна Македонија како стратешки важен пазар во развој со висок потенцијал за раст. Северна Македонија и Соединетите Американски Држави изразија подготвеност да ги искористат трговските потенцијали, да ги унапредат реформите во деловната клима и да продолжат со идентификување и намалување на бариерите за трговија и инвестиции.

 

Делегацијата на Северна Македонија во Вашингтон ја предводи шефот на дипломатијата Бујар Османи кој на средбата со државниот секретар Ентони Блинкен му се заблагодари за гостопримството и исклучителната организација на Стратешкиот дијалог во Вашингтон, истакнувајќи дека ова е важен ден за Северна Македонија.

Отпочнувањето на стратешкиот дијалог меѓу САД и Северна Македонија претставува значајна пресвртница во нашите севкупни билатерални односи и мислам дека е логичен чекор напред по 30 години воспоставени дипломатски односи и 15 години стратешко партнерство, а особено две години Сојузништво во НАТО, истакна Османи.

Според Османи, како што соопшти МНР, овој моментум ќе отвори ново поглавје на соработка и ќе ја врами севкупната соработка на двете земји.

Ова е особено важно сега кога нашите вредности се оспорени; и ние земјите кои припаѓаме на демократскиот свет, кои споделуваме исти вредности, треба да бидеме тесно координирани за да се справиме со тие предизвици, рече Османи.

Тој оцени дека врв на билатералната соработка беше нашето членство во НАТО и изрази благодарност за поддршката што САД ни ја даваат.

-Тоа беше прва и најважна стратешка цел за Северна Македонија. Се трудиме овие две години да бидеме додадена вредност не само за Алијансата туку и во нашиот регион како конструктивен партнер на НАТО, додаде Османи.

Тој се заблагодари на САД и за поддршката во аспирациите за членство во ЕУ, нагласувајќи дека ќе продолжиме да работиме заедно во надминување на споровите што ги имаме за да станеме членка на ЕУ и да го туркаме целиот регион во евроатлантско закотвување.

Задоволство од иницирањето на Стратешкиот дијалог и од страна на државниот секретар Блинкен.

-Ја цениме многу значајната реформска агенда на која се ангажираше Северна Македонија, за демократијата, за енергетиката, за регионалните економски иницијативи. Сите овие се значајни, важни се и ние многу ги поддржуваме. Силно ги поддржуваме амбициите на Северна Македонија во процесот на пристапување во ЕУ. Многу сакаме да видиме дека се движи напред и ќе продолжиме да го поддржуваме тоа на секој начин што можеме, рече Блинкен.

 

Американскиот државен секретар се осврна и на руската агресија во Украина.-И, се разбира, имаме многу да зборуваме кога станува збор за руската агресија против Украина. Бевте во Киев во еден од деновите кога разговарав со нашиот пријател Дмитро Кулеба, тамошниот министер за надворешни работи, со нетрпение чекам да разменам мислења со вас за тоa, заклучи Блинкен.

На првиот Стратешки дијалог помеѓу Северна Македонија и САД, на панелот посветен на „Владеење на правото и добро владеење“, што се одржа во просториите на Стејт департментот во Вашингтон, синоќа преку конференциска врска учествуваше и вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска.
 

Во своето обраќање вицепремиерката Грковска истакна дека Стратешкиот дијалог претставува подигнување на односите со САД на повисоко ниво, што е особено значајно на полето на доброто владеење. Нагласи дека соработката меѓу двете земји е суштинска и опфаќа широк спектар на прашања кои се од национален интерес и имаат за цел да го подобрат животот на граѓаните на Северна Македонија.Вицепремиерката наведе дека со поддршка на САД и во партнерство со експерти од Естонија интензивно се работи на дигиталната трансформација на општеството, се со цел услугите што државата им ги дава на граѓаните да бидат достапни дигитално, да бидат брзи, ефикасни и точни. Во таа насока веќе е започнат и процесот на воведување електронска лична карта, што е клучен чекор за дигитална трансформација на општеството.

-Сакам особено да им се заблагодарам на Амбасадата на САД во Северна Македонија и на тимот на УСАИД во Скопје за нивната досегашна поддршка. Претстојат многу работа и многу предизвици, но уверена сум дека со силно партнерство меѓу нашите две влади ќе постигнеме резултати и одржливи решенија, на кои ќе бидеме горди, порача Грковска пред присутните на конференцијата.

Министерот за економија Крешник Бектеши на работниот состанок на тема „Трговија и инвестиции“ во рамки на Стратешкиот дијалог САД-Северна Македонија вчера во Вашингтон. порача дека земјава има стратешка географска позиција. За странските инвеститори е од клучна важност тоа што сме главна транспортна рута низ Европа, даваме и голема поддршка на странските инвеститори кои ќе донесат одлука да реализираат инвестициски проекти во земјата, а преку оваа поддршка за странските инвеститори директно се поттикнува и целокупната економија.Во рамки на работниот состанок Бектеши ги презентираше можностите и поволностите кои што ги има земјата за развој на стратешки инвестиции.

Тој информираше дека Владата работи на развој на сеопфатен и транспарентен Регистар на државна помош за инвеститорите со цел да се создаде поефективен систем за известување за државната помош.

САД се рангирани на 13-то место во вкупната трговска размена на Северна Македонија со светот во 2020 и 2021 година.

Во трите месеци од 2022 година, САД се рангирани на 16-то место. Билатералната трговска размена е 76 милиони американски долари во трите месеци од 2022 година, при што извозот е 39,5 милиони американски долари, а увозот 36,6 милиони американски долари.

Дел од делегацијата на Стратешкиот дијалог во Вашингтон се и министерката за одбрана Славјанка Петровска и за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска.

На маргините на стратешкиот дијалог со САД, во Вашингтон, вчера, министерот Османи, по повод 30 години од независноста на Република Северна Македонија му врачи признание на Даниел Сервер, професор во Џон Хопкинс универзитетот.

По повод 30 – годишнината од независноста на Република Северна Македонија, во јуни, минатата година министерот Османи донесе одлука со која се доделува признание на 30 странски државјани, високи функционери од ЕУ и НАТО, државници, дипломати и познавачи на нашата држава и регионот, меѓу кои и Сервер, како симболична благодарност за нивната поддршка за нашата независност, нашите стратешки цели, зацврстување на евро-атлантските перспективи и мултиетничката, мултикултурна и мултиконфесионална кохезија на нашата држава и општество, наведуваат од МНР. 

Северна Македонија е прва земја од Западен Балкан што отвора Стратешки дијалог со САД, кој воедно претставува надградба на досегашното стратешко партнерство меѓу двете земји и подигнување на билатералните односи на повисоко ниво, како и конкретно врамување и дефинирање на соработката во периодот што следи.

04.06.2022 - 10:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега