Инфлацијата го „изеде“ растот на платите
Зголемувањето на минималната плата од 15.200 на 18.000 денари, почнувајќи од месец март, имаше за цел да овозможи пристоен живот за сите работници, односно да може со две минимални плати да се покријат месечните трошоци неопходни за живот. Но, идејата не виде „бел ден“, бидејќи брзорастечката инфлација со која се соочуваме периодов за миг го анулираше ефектот од растот на платите.
Државниот завод за статистика пресмета инфлација, или раст на цените од 10,5% на годишно ниво. При тоа, најмногу поскапеле храната и транспортот.
Посликовита пресметка има Сојузот на синдикати на Македонија, кои ги пресметуваат неопходните месечни трошоци на просечно четиричлено семејство, кое живее во дом од 50 метри квадратни и не поседува автомобил. Според нив, за само една година потрошувачката кошничка за едно домаќинство пораснала за 4.128 денари, односно за 12,14%. Или, во април лани за да се помине месецот потребни биле 33.976 денари, а во април годинава 38.104 денари. Тоа значи дека повторно не се доволни две минимални плати за да се покријат месечните трошоци на едно четиричлено семејство.
„Кога се зголеми минималната плата, во тој момент 2 минимални плати ја покриваа синдикалната минимална кошница но, денес, растот на цените и инфлацијата помеѓу 10 и 11% повторно ја зголемија синдикалната кошница и две минимални плати веќе не ја покриваат синдикалната кошница, туку недостасуваат 2.104 денари поради тоа што вредноста на Синдикалната минимална кошница за април 2022 година изнесува 38.104 денари“, објаснува Слободан Трендафилов од Сојузот на синдикати на Македонија, кој е одговорен за пресметката на синдикалната потрошувачка кошничка.
ДВОЦИФРЕНА ИНФЛАЦИЈА МАКЕДОНИЈА НЕ ПАМТИ ВО СВОЈАТА ПОНОВА ИСТОРИЈА
Со раст на цените поголем од вообичаено се соочувавме уште од есента поради енергетската криза и големиот раст на цените на енергенсите на светските берзи. Но, инфлацијата значајно беше поттикната по избувнувањето на воениот конфликт меѓу Украина и Русија, не само поради несигурноста што ја носи секоја војна со себе, туку и поради фактот што овие две држави во светски рамки се меѓу најзначајните производители на храна и снабдувачи со енергенси. Но, ова се состојби со кои се соочуваат економиите на глобално ниво, не само Македонија.
Во обид да ја заузда инфлацијата и да го зачува стандардот на граѓаните, Владата донесе неколку мерки. На почеток ги замрзна цените на некои од основните прехранбени артикли, ги намали акцизите за одредени производи од увоз, потоа го намали или целосно го укина данокот на додадена вредност за дел од производите, а донесе и одлука со која ги ограничи маржите на трговците за конкретни продукти. Сите овие мерки беа времени и важеа до 31 мај.
Оттогаш, цените секојдневно растат, најмногу кај горивата и храната. Горивата за само четири дена поскапеа меѓу 13 и 15 денари по литар. Тоа е резултат на укинатите антикризни мерки, бидејќи данокот за горивата сега се врати на 18%, наместо 10%, а нема веќе ниту намалени увозни акцизи и еколошка такса.
Храната исто бележи значајно поскапување, особено основните производи, кои до сега не се даночеа, а сега се продаваат со 5% ДДВ но, нема веќе ниту ограничување на маржата за трговците и производителите. Така, лебот и брашното поскапеа за 5 до 6 денари, цената на шеќерот се движи меѓу 52 и 60 денари, а маслото за јадење повторно значајно поскапе и сега неговата цена некаде надминува 160 денари. Покачени се цените и на млекото, јајцата, оризот.
ЌЕ ИМА ЛИ НОВИ АНТИКРИЗНИ МЕРКИ?
Владата најави дека нема да ги продолжи мерките но, ќе се прават анализи за евентуално нов сет мерки кон крајот на летото. Според премиерот Димитар Ковачевски, мерката замрзнување на цени, на пример, нема ефект и е неодржлива во услови кога најголем дел од производите се увезени, а нивните цени се во постојан раст.
Од Мелничко-пекарската индустрија веќе алармираа и пратија официјално барање до Владата да го забрани извозот на житните култури до крајот на годинава, со цел да нема дополнителни поскапувања на лебот и брашното.
Дека се неопходни детални анализи за идните мерки за справување со инфлацијата се согласни и економистите. Универзитетскиот професор Борче Треновски вели дека Македонија е увозно зависна држава, а тоа е еден од клучните фактори што влијаат на инфлацијата. Во такви услови невозможно е да се заштитат цените на домашниот пазар ако растат цените на суровините од странство.
„Треба да имаме предвид една работа, ризиците сè уште остануваат значајни поради конфликтот меѓу Русија и Украина, поради глобалните тенденции и најавите за зголемување на цените на храната и сè уште неизвесната иднина за енергенсите, иако најавуваат дека следната година ќе се намалат. Оттука, мора да имаме предвид дека нашите мерки, кои веќе се пореземаа, имаа определен ефект и ја смирија паниката, големите цени, анулираа дел од негативните ефекти од инфлацијата на глобално ниво, која се пренесуваше кај нас. Меѓутоа сè уште продолжува ризикот“, вели Борче Треновски, професор на Економскиот факултет при УКИМ во Скопје.
Треновски смета дека државата мора да обрне особено внимание на трошоците, бидејќи пари има сè помалку, а кредитите се сè поскапи. А нема ниту многу простор за зголемување на буџетскиот дефицит и јавниот долг со цел да се одржуваат ваквите фискални мерки.
„Треба детално да размислиме како ќе влијаеме во таа насока. Прво, не може целосно да го елиминираме ризикот. Тој е доминантно увозен. Ние можеме само да ги намалиме ризиците, а тоа е поврзано со фискален трошок. Значи, тоа мора некој да го плати, дали ќе го платиме ние од некои давачки што ќе ги собереме сега, или ќе се плати тоа од некои идни генерации со задолжување. Оттука мора да извагаме колку е нашиот капацитет понатаму дел од овие мерки да ги одржуваме“, вели професорот Треновски.
Тој смета дека треба да се оди кон таргетирана поддршка на определени сектори или граѓани, со цел државата да обезбеди најефикасни мерки со најмал трошок или задолжување.
„Треба да се одберат точно оние сектори и точно оние граѓани и ранливи категории на кои треба да им се помогне со фискалниот ефект, односно со фискалната сила, која ја имаме во моментов. Мора да имаме предвид дека во догледна иднина сè уште немаме чиста слика и можеби ќе треба дополнително да се носат и нови мерки“, објаснува Треновски.
Експертите сметаат дека мора да се следат и пазарните сигнали бидејќи ако има и понуда и побарувачка за одреден производ, тогаш мерките би можеле да бидат бескорисни. Тоа во извесна мера се покажало и до сега дека и покрај ограничувањата, реално на пазарот одредени производи се нудеа и се купуваа по значајно повисоки цени.
ЌЕ ИМА ЛИ НОВ ЦЕНОВЕН ШОК ОД 1 ЈУНИ?
Според универзитетскиот професор Гадаф Реџепи, Владата не смее да чека долго за да интервенира со нови мерки бидејќи на светско ниво предвидувањата за движењето на цените не се оптимистички.
„Нема релевантен експерт, нема релевантна институција што до сега предвидуваше дека во наредните три-четири месеци ќе има намалување на цените, дури ни стабилизирање на цените. Така да, ако го имаме предвид овој факт треба да се внимава, да не се укине без да се воведе никаква дополнителна помош и на страната на подобрување на стандардот на граѓаните и на страната на фискалната политика. Мора нешто да се направи затоа што не се очекува стабилизирање и подобрување на ситуацијата во наредни три-четири месеци“, вели Гадаф Реџепи, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа.
Професорот Реџепи не ја отфрла можноста за натамошно поскапување на цените, но не очекува дека повторно ќе се соочиме со недостиг на производи на пазарот.
„Имајќи предвид што се случува на пазарот моментално секако дека рационално би било луѓето да паничат и сосема е логично така да се однесуваат и да очекуваат идни зголемувања на цените. Пазарот моментално е на некој начин, да не претерам со зборот хаос но, еве ќе кажам дека моментално е слично на тоа, затоа што постојано гледаме зголемување на цените. Значи, гледаме зголемување на цените таму каде што можеби беше очекувано, но и таму каде што не беше очекувано и особено не беше очекувано во толкави размери“, вели професорот Реџепи.
Реџепи смета дека Владата треба да биде потранспарентна со податоците и анализите од преземените мерки.
„Владата можеби треба да ни дава и нам малку повеќе податоци за тоа дали досегашните мерки биле или не биле успешни. Ние тоа не успеавме баш добро да го видиме. И со овие мерки на пазарот се случуваат големи зголемувања на цените. Програмата не покриваше голем дел на производи но, сепак ги покриваше оние производи кои се најпотребни за граѓаните. Но, моментално навистина постои простор и за загриженост за идни зголемувања на цените“, вели професорот Реџепи.
Експертите алармираат и до сите надлежни институции да вршат постојани контроли на терен за да се спречи злоупотреба на можноста за покачување на цените. Апелираат да се проверува дали поскапувањето на некој производ или услуга е оправдано или не, бидејќи и покрај тоа што сме пазарна економија, во услови на криза се очекува солидарно и етичко однесување од сите чинители во општеството.
Мирјана Јовеска
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа