Голем број брутални случаи на семејно насилство во Македонија

Во просториите на Првиот семеен центар на Град Скопје денеска по повод Меѓународниот ден за борба против насилство врз жените, се одржа прес-конференција на која беше истакнато дека во Македонија за жал е зголемен бројот на брутални случаи на семејно насилство.

Програмскиот координатор на Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување-Х.Е.Р.А., Весна Матевска, сторителите мора да бидат соодветно казнети, а на жртвите треба да им биде понудена соодветна помош и поддршка: - Според податоците кои МВР ги презентираше, во првото тримесечие се евидентирани 174 кривични дела при семејно насилство. Во однос на сторителите: од 174 сторители, 159 се мажи, а во однос на начините на кои се вршат делата преовладува употреба на физичка сила и најголем дел од случаите (149) се со употреба на физичка сила. Идентични се и показателите во однос на прекршоците за семејно насилство - евидентирани се 120 случаи, рече Матевска и додаде дека е за поздравување што Владата согласно усвоената стратегија за 2012-2015 година во врска со семејното насилство има утврдено стратегиски план и рамка за сеопфатна реакција на семејното насилство и тоа вклучувајќи ги сите релевантни чинители - здравството, социјалната заштита, МВР, невладините организации итн.

Матевска посочи дека центрите за социјална работа треба да бидат технички опремени и да имаат можност за да излезат на терен и да направат увид во семејство по секоја пријава на семејно насилство. 

- Државните институции треба да одговарат со поголема доза на сериозност и одговорност и оти потребна е оперативна имплементација на протоколите и стратегиите кои ги имаме на хартија, за да на крајот на денот сите жртви на семејно насилство се охрабрени и не се демотивираат да го пријават семејното насилство, додаде Матевска.

Од своја страна и претседателот на Националниот совет за родова рамноправност-СОЖМ, Савка Тодоровска рече дека сите податоци не говорат за зголемен или намален број на жртви на семејно насилство.

- Тие говорат колку жените се освестени, охрабрени, за да го пријават насилството. Порано тоа го немаше. Треба што побрзо да биде ратификувана Конвенцијата, бидејќи таа е насочена пред се на превенцијата. Од истражувањето кое го направивме утврдивме дека од сите жртви на семејно насилство, само два проценти на случаи се разрешени како жртви на семејно насилство, посочи Тодоровска.

25.11.2013 - 14:54
Фото: 
Денешен

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа