ВМРО-ДПМНЕ: Зијадин Села ги отпушта од работа Македонците во Струга
Градоначалникот Зијадин Села се однесува игнорантски и одлуките што ги засегаат сите граѓани ги донесува самоволно, реагираше на прес-конференција разгранокот на ВМРО-ДПМНЕ од Струга.
- Го потсетуваме градоначалникот дека Коалицијата „Заедно за Струга“ во градот освои 8.000 гласови, што ни дава за право да го имаме полниот легитимитет во однос на одлуките кои ги засегаат граѓаните на градот Струга. Со други зборови, одлуките кои ќе бидат донесувани од страна на општинската администрација, а за кои нема да бидеме консултирани, ќе ги сметаме за нелегитимни и како такви нема да имаат поддршка од сите граѓани на Општина Струга, истакна претседателот на разгранокот на партијата Перо Петкоски.
Меѓу одлуките кои градоначалникот самоволно ги донел е разрешувањето на директорот на јавното претпријатие „Комунално“ и смената на секретарот на Општината. - Со тоа Македонците останаа без единствените две места кои досега им припаѓаа, рече Петкоски и додаде дека за нов директор на комуналното претпријатие е поставено лице со несоодветно образование.
- Уште во првите неколку дена наместо да се зафати со работа, за да може Струга подготвено да ја пречека туристичката сезона, в.д. директорот почна да се занимава со разрешување и деградирање на сите раководители-Македонци во тоа претпријатие. Симптоматично е тоа што се разрешуваат само раководители Македонци, а не и раководителите и директорите од други етникуми, рече Петкоски. Нагласи дека во минатото, кога Општината била раководена од Македонец, претседателот на Советот секогаш бил од албанската етничка заедница.
- Не може само од една страна да се бара конструктивност и почитување на Рамковниот договор, а за друга страна тоа да не важи. Не може мнозинството во градот, Македонците, да се игнорираат зашто тоа не води кон успешен мандат на оваа локална самоуправа, порача претседателот на струшкиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ