Компанија од Дубаи ќе гради откупен центар во Ресен

 

Од Министерството за транспорт и врски информираат дека вчера се одржало електронско јавно наддавање за отуѓување на градежно земјиште сопственост на Република Македонија за изградба на лесна и незагадувачка индустрија во Општина Ресен. Според информациите од Министерството станува збор за комплекс предвиден со Урбанистички план за вон населено место за Стопански комплекс за откуп, складирање и дистрибуција на земјоделски производи.

Се работи за земјиште со вкупна површина од 61.433 м2 за кое почетна цена изнесуваше 61,00 денари од метар квадратен. Најповолен понудувач на јавното наддавање е компанијата “Apple Land”, која е основана од инвеститор од Дубаи со постигната вкупна цена од 4.361.743 денари. Најповолниот понудувач е должен во рок од 15 дена од денот на завршување на постапката за јавно наддавање да ги уплати средствата согласно постигнатата крајна цена од наддавањето.

-По извршената уплата во утврдениот рок, се склучува договор со најповолниот понудувач за отуѓување на градежното земјиште сопственост на Република Македонија. Со договорот купувачот се обврзува во рок од 12 месеци од извршената солемнизација на договорот да обезбеди одобрение за градба на предвидените објекти согласно урбанистичкиот план по кој земјиштето е отуѓено и да ги изгради објектите согласно урбанистички план по кој земјиштето е отуѓено согласно Законот за градење, информираат од Министерството за транспорт и врски..

 

23.11.2013 - 11:05

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега