Ставревски: Три автопати ќе се градат идната година

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставревски синоќа пред жителите на општината Илинден истакна дека идната година ќе биде година на изградба на патишта. Ставревски потенцира дека во 2014 ќе се градат три големи автопати и други патишта за кои се издвоени 160 милиони евра.

-Би сакал посебно да го потенцирам значењето на трите автопати. Следната година можеме слободно да ја окарактеризираме како година на изградба на патишта, ќе се градат три големи автопати. Едниот е од Миладиновци до Штип, патот кој се очекува да ја препороди источна Македонија, да ги направи многу поатрактивни и слободната економска зона во Штип и индустриските зони во околните градови, да овозможи полесен проток на патници од Источна Македонија кон главниот град и понатака кон Европа, рече Ставрески.

Вицепремиерот пред жителите на Илинден истакна и дека  вториот е во западниот дел од Македонија, Кичево-Охрид, исто така од витално значење за развој на потенцијалот за Охрид и на целиот регион.

- Третиот е интензивирање на градбата на коридорот 10 односно Демир Капија – Смоквица. 132 километри автопати ќе се градат следната година и тоа значи ангажман на домашни фирми, ангажман на изведувачи или подизведувачи од Македонија, ангажман на македонски работници и користење на македонски материјали во процесот на градба. Сето тоа ќе ја заживее и дополнително ќе ја раздвижи економијата и затоа очекуваме следната година економскиот раст да биде и повисок од овој што оваа година ќе го оствариме, рече Ставрески.

22.11.2013 - 11:52

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа