Билт: Грција не планира да попушти во спорот со името
Шведскиот министер за надворешни работи, Карл Билт, синоќа оцени дека Грција не планира да попушти околу спорот кој го води за името.
- Не гледам ништо што укажува во таа насока, одговори Билт на прашањето дали е можно Грција да направи гест во однос на Македонија, за време на нејзиното претседавање со Европската Унија во првата половина на 2014 година и да дозволи отворање на преговори за членство.
Министерот додава дека регионот напредува, но дека напредокот е бавен: - Можеме да се фокусираме и на фактот дека Балканот оди напред. Скоро сите земји од Балканот се во процес на преговори. Само Босна е исклучокот. И Македонија е исклучок, но од други причини. Не би бил премногу песимист кон Балканот, можеби се движи побавно отколку што јас би сакал, но се движи, изјави Билт.
Томас Багер, шефот на одделот за планирање на политики на германското Министерство за надворешни работи, кој како и Билт е во Вашингтон на консултации по кризата која настана со одбивањето на Украина да потпише договор за асоцијација со Европската Унија, исто така беше прашан и за неговите очекувања за македонските интеграции, особено по средбата на германската канцеларка Ангела Меркел со посредникот во разговорите Метју Нимиц, а пред нејзината денешна средба со грчкиот премиер Андонис Самарас.
- Немам што да додадам. Би сакале работите да се придвижат напред и тоа е причината што дојде до средбата со Нимиц. Но, нема конкретен напредок кој би ми дал можност да кажам дека имаме реална перспектива за време на грчкото претседавање со Унијата, изјави Томас Багер, шефот на одделот за планирање на политики на германското Министерство за надворешни работи.
Мрачната атмосфера на панел дискусијата во институтот Брукингс во Вашингтон заврши со остра расправија на министерот Билт со дипломат од руската амбасада во САД, кој сакаше да ги отфрли обвинувањата дека Русија врши притисок врз земјите кои беа опфатени од европското Источно партнерство.
МИА го праша Билт како очекуваниот неуспех на самитот во Вилниус би влијаел врз балканските интеграции во целина.
- Не мислам дека Вилниус влијае на Балканот. Балканот е поинакво место, и политиката кон Балканот и сима своја логика. Сите земји од Балканот се или во процес за членство, или размислуваат во насока на членство, одговори шведскиот министер.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа