МВР: СДСМ манипулира - погледнете го Изборниот Законик

МВР денеска реагираше на изјавите на СДСМ за ИЗборниот законик. Имено, опозициската СДСМ денеска обвини дека министерката Јанкулоска кажува невистини и дека токму таа и МВР го креираат Избирачкиот список.

Во продолжение ви ја пренесуваме интегрално реакцијата на МВР:

СДСМ повторно се труди преку лаги и манипулации да ја доведе во заблуда јавноста дека Министерството за внатрешни работи е одговорно за Избирачкиот список. Министерството нема намера да ги потценува граѓаните и медиумите и да полемизира со СДСМ, туку и ним и на целокупната јавност ги доставува на увид членовите од ИЗБОРЕН ЗАКОНИК (Пречистент екст, Службен весник на РМ, бр. 54 од 14.4.2011 година) кои ја регулираат материјата:

8.3. Надлежности на Државната изборна комисија
Член 31
29) врши евиденција на избирачкото право и се грижи за заштитата на личните податоци на граѓаните содржани во Избирачкиот список;
30) врши проверка на интегритетот на базата на податоци на Избирачкиот список;
31) го потпишува Избирачкиот список, односно изводите од Избирачкиот список на кои се гласа најдоцна 15 дена пред денот на одржувањето на изборите;

1. Водење на Избирачкиот список
Член 41
(1) Избирачкиот список го води Државната изборна комисија.
(2) Избирачкиот список се води според Регистарот на државјаните во вид на регистар на избирачи со автоматска обработка на податоците на магнетен медиум.
(3) Личните податоци на граѓаните во Избирачкиот список се запишуваат на јазиците и писмата на кои се водат податоците во изворните евиденции, во согласност со закон.
(4) Во Избирачкиот список се запишуваат сите граѓани со наполнети 18 години живот кои имаат живеалиште на територијата на Република Македонија, а кои имаат важечка лична карта или патна исправа.
(5) Во Избирачкиот список се запишуваат и сите државјани на Република Македонија кои се на привремена работа или престој во странство, со живеалиште на територијата на Република Македонија и со важечка патна исправа. Овие лица се запишуваат според нивното последно живеалиште во Република Македонија пред заминувањето во странство.
(6) Во Избирачкиот список не се запишуваат граѓаните на кои со правосилна судска одлука им е одземена деловната способност.
(7) Во Избирачкиот список граѓаните се запишуваат според општината на чие подрачје имаат живеалиште.
(8) Од Избирачкиот список се изготвуваат изводи за секоја изборна единица, општина и избирачко место.
(9) За изборите што истовремено се спроведуваат, се издаваат толку потпишани изводи од Избирачкиот список за секое избирачко место колку што има видови избори, односно изборни кругови.
(10) Содржината на Избирачкиот список, односно изводите на денот на изборите (прв круг) не можат да се менуваат до завршувањето на изборите.
(11) Средствата за ажурирање и изготвување на Избирачкиот список се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија.

Член 42
(1) Државната изборна комисија врши запишување, дополнување и бришење во Избирачкиот список по службена должност врз основа на податоци од матичните книги, евиденцијата за живеалиште и за државјанството на Република Македонија, други службени евиденции и со непосредно проверување.
(2) Државната изборна комисија врши запишување, дополнување и бришење во Избирачкиот список и по барање на граѓани, а врз основа на лична карта и патна исправа.
(3) Државната изборна комисија врши бришење во Избирачкиот список на починато лице или лице кое по кој било основ го загубило избирачкото право по барање на политичка партија со доставување на податоци за починатото лице или кое по кој било основ го загубило избирачкото право, врз основа на претходна проверка во податоците од матичните книги, евиденцијата на живеалиште и за државјанство на Република Македонија, други службени евиденции и со непосредно проверување.
(4) Запишувањето на државјаните на Република Македонија кои се на привремена работа или престој во странство се врши и врз основа на доставена пријава во ДКП.

Интегрален текст од реакција на МВР.

20.11.2013 - 21:47

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа