Груевски: Со закон ќе се решат 300 стечајни постапки од минатото

Шефот на Владата, Никола Груевски, денеска по промоцијата во читалната "100 Книги" во Градскиот трговски центар во Скопје, истакна дека Владата го усвоила законот со кој за помалку од една година треба да се решат застарените стечајни постапки, а со него ќе бидат опфатени вкупно 300 стечајци.

- Околу 300 стечаи ќе бидат опфатени и според овој специјален закон тие би требало да се завршат за помалку од една година. Целта е да се стави крај особено на оние по 15-20 години стечаи од минатото, изјави Груевски, одговарајќи на новинарски прашања.

Се работи  за специјален и еднократен закон затоа што за одредена стечајна постапка која се случила во минатото важи законот од тоа време, а не сегашниот закон за стечај, кој е работен по примерот на Данска.

- Сега правиме специјален и еднократен закон којшто ги опфаќа само овие стечаи кои ќе ги реши за помалку од една година и ќе ставиме крај на тоа минато, затоа што сега имаме еден од најсовремените закони и во иднина оние фирми кои ќе одат во стечај, ќе го прават тоа по многу современ закон којшто е правен по пример на данскиот. Очекуваме по најновиот закон стечаите да завршуваат не помалку од една година, нагласи Груевски.

Со законот за затворање на стечаите ќе се решат стечајните постапки во Типо, Маврово, делови од железара, МЗТ, Центро, Порцеланка,Кожарски комбинат Куманово, повеќе ЗИК комбинати, како и случајот Фиком, Самарија и други. 

 

20.11.2013 - 14:33

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега