Тачи: По локалните избори во Косово е исклучена поделба или федерализација на земјата по етнички линии

Премиерот на Косово Хашим Тачи вчера на седницата на Советот за безбедност на ОН во Њујорк изјави дека по локалните избори во Косово е исклучена поделба или федерализација на земјата по етнички линии.

Тој оцени дека локалните избори биле слободни и дека се оддржани во мирна атмосфера, освен на три избирачки места на северот од Косово, каде, како што рече, инцидентите ги предизвикале „српски екстремистички групи“, пренесува Тајгун

- Косовската Владата беше определена за фер и слободни избори и меѓународните набљудувачи ги пофалија, со што покажавме дека дојде до консолидација на  институциите во Косово, додаде Тачи.

Тој оцени дека бојкотот на изборите во Косово пропаднал, нагласувајќи дека на 1 декември ќе се оддржи вториот круг на гласање во 24 косовски општини.

Тачи наведе и дека идната Заедница на српски општини ќе биде во согласност со косовските закони и дека ќе нема извршни и законодавни функции, како и дека нема да може да ги замени општинските надлежности.

Тој кажа и дека косовска царина од 14 декември ќе почне со наплата на царина.

- Косово постигна напредок во европската агенда со што е отворена европската перспектива за Косово и за целиот регион, а ги усвоивме и неопходните закони за визна либерализација, изјави Тачи.

Според него, 2013 година била историска за регионот поради договорот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина и влезот на Хрватска во Европската унија. 

20.11.2013 - 09:24

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега