Раноградинарите бараат решавање на статусот на земјиштето и повисоки субвенции

Нерешен статус на земјиштето, скапи енергенси, висок надомест за експлоатација на геотермалните води и ниски субвенции, се проблемите со кои се соочуваат производителите на раноградинарски култури, па поради тоа бараат итна средба со претставници на надлежните институции.

- Да се дефинира статусот на земјиштето, Агенцијата за стоковни резерви да одвои одредена количина мазут, да се преиспита зголемувањето на финансиската поддршка зашто е несразмерна, како и тарифникот за пресметка на потрошените метри кубни вода за загревање, бараат производителите, рече денеска на прес-конференција Васко Ристовски од Стопанската комора на Македонија.

Изнесувајќи ги забелешките од последниот состанок на Групацијата за оранжериско производство, Ристовски нагласи дека последните измени на Законот за земјоделско земјиште направија уште поголема забуна во однос на сопственоста и дополнително ги оптоварија производителите, цената на мазутот од 2007 до 2013 година е зголемена за 249 проценти, а на геотермалните води од 1,8 денари за метар кубен на 8,4 денари.

Во Македонија има 17 оранжерии со 200 хектари активно производство. Во нив работат 1.360 лица.

- Ако проблемите се решат, бројот на вработени би можел да достигне 3.600, а наместо 20 милиони евра девизен ефект, од извозот би можеле да се реализираат 30 милиони евра, истакна Ристовски, додавајќи дека моментно се искористени само околу 50 отсто од капацитетите.

 

18.11.2013 - 12:12
Фото: 
скај

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа