„Вориа“: Казината и ниските цени во Македонија ја “расплакаа“ Грција

Речиси 15 илјади жители на северна Грција секој викенд ја посетуваат Гевгелија за да се коцкаат и шопинг, што предизвикува голема загриженост кај промоторите и претприемачите во регионот, пишува економскиот портал „Вориа“. Во статијата се истакнува дека Грците од северниот дел на земјата, многу често одат во трите казина близу границата, што „ја турка на коленици локалната економија на пограничните области во северниот дел на Грција“.

Порталот пишува дека освен што Грците ги посетуваат казината, тие престојот во Гевгелија го користат и за шопинг, но и за да наполнат бензин.

Најголема гужва на грчкиот граничен премин Евзони кон Македонија, има за време на викендите. Според податоците од полициската станица на Евзони, од 2009 година наваму, секој петок границата ја поминаваат најмалку пет до шест илјади луѓе, додека во сабота тој број изнесува осум илјади патници.

Казината во Гевгелија ги посетуваат пред се жители на Кукуш и Солун, а евидентирани се дури и земјоделци од Лариса, кои откако ќе добијат субвенции, веднаш одат да се коцкаат.

Според „Вориа“, северна Грција ја зафаќа „феноменот Македонија“ со многу привлечни цени, што претствува дополнителен терет за економијата на Кукуш, кој е тешко погоден од економската криза. Десетици бензински пумпи се затворени, затоа што не можеле да се натпреваруваат со цените во Македонија, а во исто време, се повеќе мали компании го преместуваат својот бизнис во нашата земја.

Уште една “загрижувачка појава“, пишува порталот, е тоа што многу пензионери од Кукуш и околните села ги напуштаат своите домови и изнајмуваат станови во Гевгелија каде плаќаат 100 евра со вклучени струја и греење.

Претседателот на стопанската комора на Кукуш, Тоникиди за „Вориа“ изјавил дека грчките претприемачи не се во можност да се натпреваруваат со екстремно ниските цени во соседна Македонија.

- Карактеристично е тоа што во последните три години над 200 мали и средни претпријатија, главно од индустријата за облека и производство, ја напуштиле областа и се преселиле во Македонија, информира Тоникиди.

Текстовите на оваа тема, секогаш предизвикуваат бурни рекации од читателите, кои коментираат дека „таквите Грци се предавници и наместо парите да ги трошат во својата земја, тие избираат да ги богатат скопјаните“.

Извор: МИА

18.11.2013 - 08:37

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега