Груевски го пушти во употреба патот М6 до езерото Мантово

Премиерот Никола Груевски денеска заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски и градоначалникот на општина Штип Илчо Захариев, го пушти во употреба новиот пат од клучката кај Неготино од 20-от километар до езерото Мантово.

- Издвоивме околу 23,6 милиони денари и патот во должина од околу 4,5 километри денес е асфалтиран и функционален. Првпат во својата историја лакавичкиот регион има асфалтиран и нормален пат, како што личи и каков што заслужуваат граѓаните. Позитивните ефекти од патот луѓето веќе ги осетија. Комуникацијата е многу подобра, безбедноста во сообраќајот е многу поголема, можноста за оштетување на возилата е сведена на минимум. Жителите на општина Конче кои патуваат кон Штип и Скопје преку овој пат скратуваат околу 25 километри, нагласи Груевски.

Груевски потенцираше дека до крајот на годинава Владата и ЈП за државни патишта ќе изградат 134 километри регионални и магистрални патишта, а нивната вредност е околу 1.085 милијарда денари.

Директорот на ЈП за Државни патишта Георгиевски информира дека вредноста на изградените локални патишта во земјава е 13,5 милиони евра.

- Со владините активности за помагање на сите општини за изградба на локалната патна мрежа, од 2009 до крајот на оваа 2013 година ќе бидат изградени 590 километри локални патишта во вредност од околу 45,5 милиони евра. Ваквата поддршка продолжува и во 2014 и 2015 година кога ќе бидат изградени уште 100 локални патишта со должина од околу 200 километри и инвестиција од 20 милиони евра, нагласи Георгиевски.

До почетокот на идната година, се очекува да се заврши локалниот пат за штипското село Сарчиево со должина од 1,7 километри, а преостанатите неискористени средства кои изнесуваат 200 илјади евра ќе бидат наменети за локалниот пат до селото Пухче во должина од 4,5 километри. 

- ЈП за државни патишта веќе има порачано проект за нов магистрален пат од Штип до Радовиш со должина од 30 километри и широчина од 11,5 метри. За овој проект се обезбедени 116 милиони денари буџетски средства. Крајниот рок за завршување на проектот е август 2014 година, по што би се отпочнале активности за изградба. Веќе е отпочнато со реализација на осветлување на клучката Штип каде што ќе се постават 130 канделабри, а рокот на завршување е крајот на јануари 2014 година, истакна Георгиевски, нагласувајќи дека во почетокот на идната година ќе се отпочне со градба на автопатот Скопје – Миладиновци – Свети Николе – Штип во должина од 47 километри.

17.11.2013 - 14:54

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа