„Домашна визита“ - од утре патронажни сестри ќе се грижат за старите лица во нивните домови

Од утре започнува да се спроведува нов проект на Министерството за здравство. Како што денеска информираше министерот Никола Тодоров, се работи за  „Домашна визита“ која се состои од превентивни здравствени прегледи на повеќе од девет илијади стари лица во нивните домови.

- Ова е моќна јавно - здравствена мерка, препорачана од Светската здравствена организација, која во ист миг ќе овозможи грижа и превенција за пацинетите, нагласи Тодоров.

За старите лица ќе се грижат 340 патронажни сестри кои секојдневно ќе имаат обврска во точно утврден термин да посетата стари изнемоштени лица со хронични болести кои ќе бидат избрани преку „Мој термин“. Акцент ќе се стави на лицата со кардиоваскуларни заболувања, хронични респираторни заболувања, дијабетес и други хронични заболувања. Сестрите ќе мерат крвен притисок, шеќер, хемоглобин, холестерол, а ќе прават и ЕКГ прегледи.

- Во следните два месеца ќе бидат посетени 9.110 лица, од кои 5.794 пациенти боледуваат од тип 2 дијабетес мелитус, 2.747 пациенти боледуваат од тип 1 дијабетес мелитус и 569 пациенти боледуваат од астма. Се посетуваат пациенти постари од 60 години, рече Тодоров. 

 

Предвидено е посетите да се извршат за 1,5 до 2 месеца, а во некои региони и побрзо. Приближно една посета ќе трае околу половина час и тимовите ќе имаат обврска да посетуваат секојдневно од четири до пет домови.

17.11.2013 - 14:47

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа