Утре се празнува Светиот апостол Јаков

 

Светиот апостол Јаков

Син Алфеев и еден од Дванаесетте големи апостоли. Роден брат на евангелистот Матеј. Сведок на словото на вистината и на чудата на нашиот Господ и Спасител Исус Христос, сведок на Неговото страдање, Воскресение и Вознесение. По слегувањето на Светиот Дух на Педесетница, на апостолот Јаков му падна во дел да го проповеда Христовото Евангелие во Елефтеропол и околните места, потоа во Мисир, каде што и пострада за својот Спасител. Со голема сила и на збор и на дело Св. Јаков ја разнесуваше благовеста за воплотениот Бог Слово, уривајќи го идолопоклонството, од луѓето изгонувајќи ги демоните, лечејќи секаква мака и болест со името на Господ Исус Христос. Неговиот труд и неговата ревност беа крунисани со голем успех. Многумина незнабожци поверуваа во Господа Христа, се основаа и устроија цркви, беа поставени епископи и свештеници. Пострада во Мисир, во градот Острацин, распнат на крст од незнабожците. Така овој голем и прекрасен апостол се пресели во Небесното Царство, за со Царот на славата да царува бесмртно.

Тропар
Славата Божја која небесата ја вознесуваат, ја возвестуваше ти о апостоле и мачениче Христов Јакове, проповедајќи ја науката за бесмртноста и слободата, ја посведочи љубовта која како благодат се излива на родот човечки, а на тие кои ќе поверуваат им носи спасение. Моли се, свети апостоле, да го запазиме печатот на крштението неповреден.

Преподобен Андроник и неговата сопруга Анастасија

Антиохиски граѓани од времето на Теодосиј Велики. Андроник беше златар по занает. И тој и жена му беа многу благочестиви и непрестајно се трудеа да одат по патот Господов. Од својата заработка една третина им даваа на сиромашните, друга на Црквата, а со третата се издржуваа. Откако им се родија две деца, се договорија да живеат како брат и сестра. Но по неиспитливата Божја Промисла децата им умреа во еден ден двете. И родителите беа во голема тага с ѐ додека Светиот маченик Јулијан не ѝ се јави на Анастасија на гробиштата и не ја утеши со веста дека нивните деца се во Царството Божјо и дека им е подобро таму одошто со родителите на земјата. По ова обајцата оставија с ѐ и појдоа во Мисир, каде што примија монашки чин – Андроник кај Старец Даниил во Скитот, а Анастасија во женскиот манастир во Тавенисиот. Откако му угодија на Бога со своите долгогодишни подвизи, се преселија во Царството Небесно, најпрво Св. Анастасија, а потоа осум дена по неа и Св. Андроник.

Светите праведни Авраам и Лот

Нивните жтитја се впишани во Првата книга Мојсеева од Стариот Завет.

Свети Димитриј, патријарх Александриски

Единаесетти александриски патријарх после Светиот евангелист Марко. Долго и мудро управуваше со своето стадо, и тоа од 189 г. до 231 г. Во негово време на барање на Индијците за проповед на Евангелието во Индија беше пратен Св. Пантен, раководителот на прочуената катихетска школа во Александрија. Пантен во Индија го пронајде Евангелието напишано од Свети Матеј на еврејски јазик.

Свети Стефан, деспот српски

Син на деспотите Ѓурѓе и Јерина. Со својата сестра Мара извесно време живееше на дворецот на султанот Мурат II. Во Едрене го ослепија заедно со неговиот брат Гргур. Деспотската власт над Србија ја прими во 1458 година. Наскоро мораше да се засолни од својата земја во Албанија, каде што се ожени со Ангелина, ќерка на Скендербег. Слеп и несреќен, но постојано предаден на Бога, се упокои во 1468 година во Италија. Неговите мошти почиваат во Крушедол, ктиторство на неговиот син Св. Максим.

21.10.2021 - 20:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега