Димитриевски обвини за притисоци од полициски службеници: Ме затворија како најголем криминалец

 

 Независниот кандидат за градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски одржа прес-конференција на која образложи дека возилото со кое се превезувал, а кое беше запрено од страна на полицијата и однесено на технички преглед, ја има потребната техничка документација и е управувано со полномошно.

Возилото, како што посочи, е сопственост на лизинг компанија и се користи со договор. Има А-тест и затемнети стакла.

Димитриевски ги повтори обвинувањата дека бил следен од возило со полициски таблички, а потоа бил запрен од полициски службеници и однесен со ротации на технички преглед во Куманово.

– Во сообраќајната дозвола јасно се гледа, возилото поминало на А-тест и може да има таков тип на фолија. Моето возило не е службено, тоа е на лизинг компанија со која имаме договор за користење и го користиме со полномошно. Суштината не е за стаклата, тоа не се прекршок со којшто помпезно градоначалникот се затвора во колата без никакво образложение како најголем криминалец, се шета низ град со ротации и се води на технички преглед. Тоа се решава за пет минути. Не добив никакво образложение од полициските службеници кои немаа одговор бидејќи цело време комуницираа на телефон и по други средства за комуникација, препоставувам со нивни претпоставени. Тие нека дадат објаснување, рече Димитриевски.

Информираше дека возилото е испратено на вештачење, а за полициските службеници рече дека биле крајно непрофесионални.

– Побарав да се идентификуваат, но моето барање неколку пати го одобрија. Ги дадоа своите значки, додека третото лице рече дека нема значка и е полициски приправник. Ми го кажа своето име и презиме. По моето барање откако заврши техничката и рутинската контрола на возилото, беа востановени неточни податоци, посочи Димитриевски.

Случајот нема да го пријавува во МВР бидејќи, како што вели, нема доверба во институцијата.

Повтори дека ова е обид за заплашување врз него и верува дека на 31 октомври кога ќе се одржи вториот круг од изборите, ќе ја добие поддршката од граѓаните. – Очекуваме уште поголем притисок на 31 октомври, но ќе победиме бидејќи поддршката од граѓаните е очигледна, рече Димитриевски.

Во врска со денешниот настан, Министерството за внатрешни работи соопшти дека целосно ќе ги истражи случајот.

– Во врска со денешниот случај во Куманово, кога е сопрено возило „Рено“, управувано од Д.Д., ве известуваме дека Министерството за внатрешни веднаш го вклучи Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди за целосно расчистување на случајот. МВР нема да дозволи каков било притисок, незаконско постапување или злоупотреба на положбата, наведе МВР во соопштението. 

19.10.2021 - 17:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега