Срѓан Керим: Без поддршка на една политичка партија не е реално да се зборува за кандидатура

 

Притисок врз Грција од чија било страна, тука вклучувајќи го и Берлин, во овој случај може да биде само контапродуктивен. Наместо тоа и Берлин и Париз и другите земји членки на Европската Унија треба да ја повикаат Грција да се приклучи кон општата европска солидарност изразена во форма на поддршка на евроинтеграцијата на Република Македонија.” Вака, Срѓан Керим, во саботното интервју за Прес24, ја дефинира заинтересираноста за прашањето за името, што клучните земји членки на Европската Унија, ја покажуваат, непосредно пред самитот на Унијата во декември. 

- Добро е што Европската Комисија конечно увиде дека без активен меѓународен ангажман тешко дека ќе се реши овој проблем во односите меѓу Македонија и Грција, а со тоа и со Унијата. Зошто го велам ова? Затоа што и НАТО и ЕУ заземаа ставови според кои се условува членството на Република Македонија во Унијата со решавањето на проблемот со името. Ако се остане на тој став тогаш очигледно се ремети рамнотежата на односите меѓу двете земји во полза на Грција. Но, со истовремено инсистирање на засилен меѓународен ангажман се оневозможува нарушувањето на рамонтежата.  Во таа смисла треба и да се толкува интересот на Германија за активен ангажман, вели Керим за Прес24

Анализирајќи го членството на Македонија во Советот за човекови права на ООН, поранешниот претседавач на 62 Заседание на Генералното Собрание  на ООН, вели дека тоа членство не само што е важно од аспект на афирмацијата на меѓународната позиција на Македонија, туку на индиректен начин е признание и за општествениот модел што земјата го практикува - развивањето и ширењето на демократијата по сите основи вклучувајќи ги тука и односите меѓу етничките заедници.

Срѓан Керим, чие име се врти во медиумите како можен претседателски кандидат за изборите во март, за Прес24, открива дека досега за тоа не раговарал со ниту една политичка партија, иако не ја исклучува можноста да се појави во изборната трка.

-Досегашната пракса во демократска Македонија недвосмислено покажува дека без поддршка на една политичка партија не е реално да се зборува за кандидатура. Токму затоа, и во мојот случај сметам дека под услов да има таква поддршка ќе може да стане збор за евентуална претседателска кандидатура, вели Керим во интервјуто за Прес24

ПРЕС24: Македонија стана членка на Советот за човекови права на Обединетите нации. 177 земји членки го поддржаа нејзиниот избор. По Вашето претседавање со 62. заседание на Генералното собрание, ова е втор значаен успех за државата. Што за Македонија ќе значи ова членство? 

КЕРИМ: Советот за човекови права е најмладиот орган во системот на Обединетите Нации, оформен со резолуција на 60. Заседание на Генералното собрание. Досегашната пракса покажа дека станува збор за исклучително важен орган, кој сè повеќе добива значење и авторитет.
Од тие причини овој убедлив дипломатски успех на Македонија треба да се поздрави и да се поддржи, не само поради фактот што таа е избрана, туку и поради резултатот зашто повеќе од 80 отсто од земјите-членки на ООН гласаа за Македонија.
Членството во Советот е важно не само од аспект на афирмацијата на меѓународната позиција на Македонија, туку на индиректен начин е признание и за општествениот модел што земјата го практикува - развивањето и ширењето на демократијата по сите основи вклучувајќи ги тука и односите меѓу етничките заедници.

 

ПРЕС24: Пред Македонија по петти пат е неизвесен Совет на Европската Унија. Повторно препорака за отпочнување на пристапните преговори, но без сериозни најави дека нешто ново може да се случи. Прашањето за името останува клучно. Сепак пред овој Самит на ЕУ, германската канцеларка, Ангела Меркел покажа заинтересираност за спорот со Грција. Како Вие ја цените средбата на Меркел со Нимиц?

КЕРИМ: Оваа средба треба да се гледа во контекст на напорите на меѓународната заедница да се најде решение за овој спор. Очигледно е дека тоа треба да се реши во рамките на ООН, а не во рамки на Европската Унија како што некои аналитичари сугерираа во последно време. Германија заедно со Франција и САД има потенцијал, можности и влијание за создавање на поволна клима за решавање на спорот меѓу Македонија и Грција. Токму затоа е важно што е одржана средбата на канцеларката Меркел со амбасадорот Нимиц.

 

ПРЕС24: Германија е клучниот играч во Унијата, многумина велат и поддржувач на Македонија, иако досега не покажуваше, барем не јавно, некаква заинтересираност за деблокада на македонските евро-интеграции. Јас сакам да Ве прашам, дали може од Берлин да се очекува некој вид на притисок врз Грција?

КЕРИМ: Притисок врз Грција од чија било страна, тука вклучувајќи го и Берлин, во овој случај може да биде само контрапродуктивен. Наместо тоа и Берлин и Париз и другите земји членки на Европската Унија треба да ја повикаат Грција да се приклучи кон општата европска солидарност изразена во форма на поддршка на евроинтеграцијата на Република Македонија. Мора да биде јасно дека не е само Македонија заинтересирана за членство во Унијата, туку и Европската Унија има интерес да ја прими Македонија во своите редови. Па, впрочем и целиот т.н. Западен Балкан.

 

ПРЕС24: Европската комисија самата констатира дека петгодишното стоење во место и речиси идентичното отфрлање на препораката за почеток на преговорите од Советот на Унијата, го нарушува кредибилитетот за проширување на Унијата. Кој е вашиот став, дали кај Унијата нема доволно интерес за решавање на оваа ситуација или пак е нешто друго во прашање?

КЕРИМ: Нема потреба воопшто да се изразува какво било сомневање дали ЕУ има интерес да се реши оваа за сите непријатна ситуација врзана за отворање на преговорите, а со тоа и приемот во членство. На сите им е јасно дека Грција едноставно го користи правото на вето што произлегува од устројството и начинот на кој е организирана ЕУ. Во тој контекст улогата на Европската Комисија е само советодавна.

 

ПРЕС24:  Во последниот извештај Европската Комисијата за Македонија имаше една формулација, со која Комисијата дирекно повикува на засилен меѓународен ангажман, особено по 20 години безуспешни преговори во ООН. Што подразбирате под тоа засилен меѓународен ангажман? И дали овој интерес на Германија може да се толкува во таа насока?

КЕРИМ: Добро е што Европската Комисија конечно увиде дека без активен меѓународен ангажман тешко дека ќе се реши овој проблем во односите меѓу Македонија и Грција, а со тоа и со Унијата. Зошто го велам ова? Затоа што и НАТО и ЕУ заземаа ставови според кои се условува членството на Република Македонија во Унијата со решавањето на проблемот со името. Ако се остане на тој став тогаш очигледно се ремети рамнотежата на односите меѓу двете земји во полза на Грција. Но, со истовремено инсистирање на засилен меѓународен ангажман се оневозможува нарушувањето на рамонтежата.  Во таа смисла треба и да се толкува интересот на Германија за активен ангажман.

 

ПРЕС24:  Многумина експерти сметаат дека за Македонија е неповолно ако во разговрите со Грција, како своевиден медијатор, се вклучи Европската Унија?

КЕРИМ: Нема никаква логика Европската Унија да биде медијатор во спор, во кој е инволвирана нејзина земја членка. Во услови на таква асиметрија Македонија секогаш би била во понеповолна позиција од Грција. Токму затоа најупатно и најдобро е медијаторството да си остане во рамките на Обединетите Нации.

 

ПРЕС24:  Неодамна на Генералното собрание на ООН, премиерот Никола Груевски повика на редефинирање на процесот на преговори, посочувајќи дека и во ООН имаат чувство дека процесот вака поставен не дава резултати. Некои аналитичари пак заговараат нова резолуција и враќање на прашањето пред Советот за безбедност. Што од ова е возможно и како тоа би се рефлектирало врз македонските интереси?

КЕРИМ: Излагањето на премиерот Груевски во генералната дебата на ова 68. заседание на Генералното собрание имаше, меѓу другото, елементи на упатување сигнали кон Советот за безбедност да се поттикне процесот на преговорите. Тоа е сосема разбирливо, ако се има предвид интересот на Македонија овој проблем да се тргне од дневниот ред, за да може земјата целосно да се посвети на своите стратешки определби, а тоа се евроатланските интеграции. Никој не може да оспори дека Советот за безбедност сноси одговорност во таа смисла со оглед на тоа дека има донесено две резолуции врзани за потребата за решавање на спорот со името.

 

ПРЕС24: Многумина аналитичари велат дека оваа состојба во која сега се наоѓа Македонија, нерешени билатерални прашања, блокади во НАТО и во ЕУ, е резултат на немањето квалитетна и добра надворешна политика во изминтиве две децении независност. Вие еден период бевте министер за надворешни работи на РМ. Како Вие ја оценувате надворешната политика и македонската дипломатија?

КЕРИМ: Неоспорно е дека за македонската надворешна политика и македонската дипломатија билатералниот спор со Грција е евидентен хендикеп. Но, од друга страна, опасно би било македонската надворешна политика и дипломатија да се редуцира на ова прашање колку и да е чувствително. Природно е да се фокусираме како земја на едно трусно подрачје, каков што е Балканот, кон стабилизирање на односите во нашето соседство и кон поттикнување и развој на регионалната соработка. Освен тоа Македонија е отворена и за соработка со значајни и влијателни земји ширум светот со што не само се збогатува нејзината дипломатска активност, туку целосно се остваруваат и македонските национални интереси. Не треба да се заборави дека Македонија дава значаен придонес, дури би рекол и надпропорционален во однос на нејзината големина, во сочувувањето на меѓународната безбедност во области како што е тероризмот, недозволена трговија со наркотици и луѓе и др. Конечно степенот на економски развој на Македонија мерено според БДП по глава на жител е се уште значително под европскиот просек. Тоа значи дека Македонија како висок надворешно-политички приоритет треба да ја практикува економската дипломатија и се она што го забрзува нејзиниот економски раст и развој.

 

ПРЕС24: Има ли Македонија пријатели меѓу клучните држави во светот?

КЕРИМ: Подобар одговор на ова прашање од резултатот на изборите за Советот за човекови права кога Македонија доби 177 гласа не може да се даде. Но, за одговорот на ова Ваше прашање да нема еуфоричен призвук, ќе кажам дека Македонија има посведочени пријатели меѓу балканските земји што ја опкружуваат, како на пример Турција. Но и пошироко, како на пример САД и Канада од една страна, Русија и Кина од друга страна и многу други земји.  

 

ПРЕС24:  Во март во Македонија ќе има претседателски избори. Можноста во исти ден да има и вонредни парламентарни избори е отворена, но опозиционата СДСМ најавува дека ќе ги бојкотира, ако дотогаш не се измени изборниот законик и прочисти избирачкиот список. Како Вие гледате на ваквите позиции на СДСМ?

КЕРИМ: Македонија има интерес и потреба да ја развива својата парламентарна демократија согласно стандардите на Европската Унија. Секој чекор и потег што ја доближува до тие стандарди е добредојден без оглед од која страна доаѓа, дали од власта или од опозицијата. Власта и опозицијата се променливи големини, а квалитетот на парламентарната демократија се препознава меѓудругото според конкретните постигнувања во законската регулатива и изборната процедура.

 

ПРЕС24:  По изборот на Зоран Заев, многумина оценуваа и очекуваа дека СДСМ ќе добие нова  политичка агенда. Нов пристап кон политиката, но голем дел аналитичари во постапките на СДСМ се уште ја препознаваат политиката на претходниот Претседател?

КЕРИМ: Г. Заев е избран на чело на една исклучително значајна политичка партија во Република Македонија со долгогодишно искуство како од позиција на власт, така и на опозиција. Најнормално е да се претпостави дека сето тоа му било јасно кога прифатил да биде на чело на Социјалдемократскиот Сојуз. Времето ќе покаже дали неговиот избор бил добар од гледна точка на интересите на партијата. Критериумите за тоа се многу јасни, а тоа се пред сé изборните резултати.

 

ПРЕС24:  Вашето име веќе се врти во сите анализи во медиумите како можен претседателски кандидат на следните избори. Ќе се кандидирате ли за Претседател?

КЕРИМ: Медиумите секогаш имаат потреба да излегуваат со проценки, прогнози, па и шпекулации во однос на значајни настани во политичкиот живот. А претседателските избори во секој случај можат да се вбројат во такви настани. Според тоа најнормално е што се спомнуваат повеќе имиња, меѓу кои и моето во досегашните анализи и коментари. Досегашната пракса во демократска Македонија недвосмислено покажува дека без поддршка на една политичка партија не е реално да се зборува за кандидатура. Токму затоа, и во мојот случај сметам дека под услов да има таква поддршка ќе може да стане збор за евентуална претседателска кандидатура.

 

ПРЕС24: Сте разговарале ли со лидерите на партиите околу ова прашање?

КЕРИМ: До овој момент не.

ПРЕС24:  Во 2009 не влеговте во изборната трка поради моментот дека не постоеше консензус за заеднички кандидат меѓу власта и опозицијата. Како од денешна дистанца гледате на таа состојба?

КЕРИМ: Кога веќе ги споменувате минатите претседателски избори добро би било работите да се допрецизираат. Имено предлогот на СДСМ беше да бидам нивни заеднички кандидат со ВМРО-ДПМНЕ. Притоа нити јас нити ВМРО-ДПМНЕ не беше претходно консултиран. Не е потребно да се има големо политичко образование за да се разбере зошто во такви околности не ја прифатив кандидатурата. Верувам дека овој пат таков или сличен гаф нема да се случи.

16.11.2013 - 12:22

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега