Во Македонија не влегло контаминирано млеко од брендот „Алпско“

Нема увезено здравствено небезбедно млеко од брендот „Алпско“ во Македонија. Ова денеска го соопштија од Агенцијата за храна и ветеринарство откако во медиумите беше наведено дека исто вакво млеко со 3,5% масленост произведено во Тузланската млекарница со рок на употреба до 17,19 и 21 февруари 2014 и во кои имало недозволено количество на микроорганизми - аеробни мезофилни бактерии стигнало во Македонија. 

Агенцијата, наведуваат оттаму, побара од босанските власти официјално известување за  колкаво количество небезбедно млеко станува збор и за кои производи.

Инспекциксите служби на Агенцијата направија контрола кај компанијата увозник при што е констатирано дека не е најдено млеко од лотовите во медиумите наведени како спорни. Земени се и мостри кои се испитуваат во лабораториите на Факултетот за ветеринарна медицина за да се утврди дали во увезените производи од овој производител евентуално има присуство на аеробни мезофилни бактерии кои, како што пишуваат босанските медиуми се пронајдени  во оваа млекарница при извршената  вонредна контрола, стои во соопштението.

Станува збор за бактерии кои вообичаено ги нема во суровото млеко, туку најчесто можат да се најдат во  молзните и системите за преработка и истите се уништуваат со пастеризација.  Ваквите бактерии го расипуваат  млекото односно го менуваат неговиот вкус и мирис. Резултатите од анализите на земените мостри млеко, Агенцијата за храна и ветеринарство очекува да ги добие во понеделник, се вели во соопштението од Агенцијата.

15.11.2013 - 16:06

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега