Попоски: Препораката од ЕУ и членството во Советот за човекови права на ОН клучни постигнувања годинава

Министерот за надворешни работи на денешното обраќање пред членовите на собраниската Комисија за надворешна политика, истакна дека обновената петта по ред препорака за почеток на пристапните преговори со ЕУ и изборот за членка на Советот за човекови права на ОН се клучните постигнувања во надворешната политка на Македонија за оваа година.

- За канддиатурата на РМ во ова тело гласаа 177 од вкупно 193 земји членки на ОН и тоа не е случајно. Напорно работевме за успехот на оваа кандидатура. Ова претставува прво членување на Република Македонија во едно од најпрестижните тела и признание за нашите постигнувања во оваа сфера, рече шефот на дипломатијата и додаде дека петтата препорака од ЕК претставува признание за подготвеноста на земјата за отпочнување на прегвоорите и остварените резултати.

- Имаме еден случај каде активната подготовка за претседателството со Унијата, следната година, не е фактот што доволно стимулира некој конструктивен однос од другата страна, но нема да дозволиме со еден таков однос да се поткопаат македонските евроинтеграции долгорочно, ниту пак да се поткопа дигнитетот на Судот, а воедно да се обидеме да го задржиме кредибилитетот на ЕУ и процесот на проширување, нешто што е значајно за институциите на Унијата и за нас како земја кандидат, рече Попоски.

Министерот нагласи и дека средбата на медијаторот Нимиц со германската канцеларка Ангела Меркел значи дека ЕУ сериозно е посветена да не дозволи подолг период тоа да опстане бидејќи смета дека е ризик за кредибилитетот за процесот на проширување.

 За 2014 година, рече Попоски, ќе биде многу динамична со ангажирање на сите потенцијали и ќе биде фокусирана кон стратешките цели - членството во НАТО и ЕУ. Тааа меѓу другото опфаќа зајакнување на активностите во европските земји и со земјите стратешки партнери како САД, но и со Русија и Кина, како и активности за одбележување 20 години од воспоставување дипломатски односи со повеќе држави, како и активности во регионот и мултилатералата.

Пратеникот од СДСМ Игор Ивановски со забелешка до министерот дека обраќањето е фокусирано на технички детали и информации, а му недостига политичка тежина: - Имаме еден парадокс. МНР се фокусира на економска дипломатија во ситуација кога имаме серија на роудшоа, имаме Агенција за привлекување на странски инвестиции, министер за финансии, министер за економија. Гледам еден вид на конфузија и неконзистентност во делот на настапот и амбасадорите за кои што прво им рековте да отидат во 10 фирми, па во 20 фирми, па собирајте визит картички за да покажете дека сте контактирале, вршат работа на техничко технолошки неосмислен начин бидејчи тие не се економисти. Тие имаат задача да ја претставуваат државата во полн капацитет, рече Ивановски.

Лилјана Попоски од ДОМ, пак, побара од МНР да биде упатена официјална нота до властите во Тирана со изрази на загриженост во однос на можноста за уништување на сириско хемиско оружје во Елбасан, на територијата на Албанија.

15.11.2013 - 15:20
Фото: 
Влада

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа