Македонци ќе ги презентираат своите бизнис идеи пред домашни и странски инвеститори

Триесетина млади од Македонија првпат ќе имаат можност да ги презентираат своите бизнис идеи пред потенцијални домашни и странски инвеститори. На четиридневната конференција што се одржува во Скопје пријавени се над 100 бизнис идеи кои ќе треба да бидат селектирани, а најдобрите ќе бидат доработени со помош на експерти од Европската мрежа на бизнис ангели.

- Во моментот имаме над 100 пријавени и ќе треба да се направи селекција, за потоа да им помогнеме да ги докомплетираат своите бизнис планови и да ги доведат во состојба да може да бидат презентирани пред бизнис ангелите. Поддршката од Европската мрежа на бизнис ангели (EBAN) доаѓа во вистинско време за да може да ги споиме на едно место оние кои имаат идеи со домашните и странските инвеститори, изјави претседателот на Европско-македонскиот центар за знаење и иновации ЕМКИЦЕ, Илија Вучков.

Според претседателот на EBAN Пауло Андрес, не е важно само да постои идејата, туку проблемот е како да се имплементира таа, односно како да се финансира.

- Банките не позајмуваат пари на стартап бизниси, освен ако имате родители кои можат да го финансираат тоа. Владите, пак, во Европа со ретки исклучоци се борат со дефицит во нивните буџети и немаат ресурси. Затоа тоа треба да се реши од страна на ангелите. Мора да донесеме што е можно повеќе бизнис ангели, рече Андрес.

Во Македонија постојат 15-тина бизнис ангели. Во моментот разгледуваат повеќе идеи, но се надеваат дека идната година ќе почнат со реализација на одредени бизнис проекти.  

 

15.11.2013 - 14:41
Фото: 
претприемач.ком

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега