Ѓорчев распали по грчкиот претставник на Собранието на ЕПП во Брисел

За време на денешниот грчко-македонски дуел во рамки на политичкото Собрание на Европските народни партии во Брисел, како што пренесе МИА,  пратеникот Влатко Ѓорчев, кој како меѓународен секретар на владејачката ВМРО-ДПМНЕ присуствува на Собранието на ЕПП, денеска влезе во жестока дискусија со претставник на грчката партија од власта, Неа демократија за евроинтеграции на Македонија.

Во изјава за МИА, Ѓорчев наведува дека тој денеска ги информирал сестринските народни партии за добивањето на нова препорака од Европската комисија Македонија да ги почне пристапните преговори, но дека може да се очекува ново грчко вето на декемврискиот Самит на Советот, по што грчкиот претставник жестоко реагирал изнесувајќи аргументи против македонската држава.

- За време на политичкото Собрание на ЕПП ги информирав претставниците на сите партии од десниот центар и “десницата” во Европа за напредокот што го има Македонија во однос на прилкучувањето кон Унијата. Имаше реакција од страна на претставникот на грчката владејачка партија Неа Демократија со кого влеговме во дебата во која директно беа кажани аргументите што ги има Република Македонија, по што огромното мнозинство од присутните, пред, за време и по состанокот рекоа дека нашите аргументи се валидни и дека единствена причина поради која Макеоднија е надвор од Унијата и не почнува преговори е грчкото вето со кое во континуитет со години се соочуваме, вели пратеникот Ѓорчев во изјава за МИА.

Ѓорчев напомена дека Република Македонија ги исполнува сите услови што ги пропишува Еврокомисијата: - Позицијата на Грција е преку нејзината Влада, која ја предводи Андонис Самарас чии политики нам во Република Македонија со децении наназад ни се познати и тие најверојатно нема да се променат овие неколку месеци. Тоа е континуитет на негирање и опструкции на Македонија што траат дваесетина години. Добриот момент е што се повеќе луѓе во Европа испраќаат порака дека оваа позиција на Грција е неодржлива и дека Грците предолго и незаслужено ја блокираат Макеоднија, земја која ги исполнува условите, претходно за НАТО, а сега и за почеток на преговори со ЕУ, а единствениот аргумент на Грција е ветото, додава Ѓорчев.

13.11.2013 - 15:28
Фото: 
Денешен

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега