Владата објави јавен повик за концесии за геолошки истражувања и минерални суровини

Македонската Влада на вчерашната седница донесе одлука за објавување шест јавни повици  за доделување на концесии за детални геолошки истражувања и експлоатација на минерални суровни на 53 локалитети во речиси сите општини, кое за прв пат ќе биде спроведено по пат на електронска аукција.

Од понудените локалитети 50 ќе бидат за детални геолошки истражувања на минерални суровини од кои осум за метални, 30 за неметалични, и по шест за украсни камења и минерални и геотермални води, а само три ќе бидат за експлоатација на минерални суровини и тоа една за метали и две за минерална и термоминерална вода.

- Во последниот период Министерството за економија направи драстични измени и дополнувања на Законот за минерални суровини кои беа најдобриот погодок за привлеквање на инвестиции. Со измените се овозможи за првпат во Македонија концесиите да бидат доделени по електронски пат. Тоа покажува дека се зголемува степенот на транспарентност при доделување на концесии, рече министерот за економија Ваљон Сарачини на денешната прес-конференција.

- За секоја локација потребно е да се отворат минимум две до три нови работни места што значи дека за сите 50 локации ќе се отворат од 100 до 150 нови работни места. Тоа што локациите се распоредени на речиси целата територија на Македонија сметаме дека ќе придонесе за дополнителен економски развој на локалната и на националната економија, рече Сарачини.

Јавните повици ќе бидат објавени во дневните весници, а понудите ќе може да се достават до 10 часот на 18 декември годинава.

13.11.2013 - 14:47

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега