Груевски од Словенија: И да не ни одредат датум за преговори сонцето пак ќе изгрее во Македонија

Шефот на македонската Влада, Никола Груевски, денеска престојува во официјална посета на Словенија. Премиерот во рамки на посетата се сретна со неговата словенечка колешка Аленка Братушек, во Брдо,Крањ.

На средбата било констатирано дека Словенија останува силен поддржувач на македонската евроинтеграција и дека односите меѓу двете земји се одлични.

- Словенија како до денес така и во иднина ќе ја поддржува Македонија и другите земји на Балканот во трудот за приближување кон ЕУ, изјави по заедничката средба словенечката премиерка.

Премиерот Груевски потенцира дека во Словенија гледаме искрен поддржувач на полето на европските и евроатланските интеграции и активните реформи кои ги реализираме на тој план и партнер во поглед на соработка  во сите полиња од заемен интерес: - Изразив благодарност за заложувањето и поддршката што ја добиваме од Република Словенија во поглед на европските и евроатланските интеграции на земјата која исклучително ја цениме. На тој план ја повторив нашата примарна цел за членство во ЕУ и НАТО како наши темелни заложби, што се докажува со последователните пет извештаи за препорака за определување датум за почеток на преговори за членство во Унијата. Изразив надеж дека нашите напори и реализирањето на реформите и исполнувањето на критериумите, поврдено со позитивните извештаи, ќе биде соодветно вреднувано и материјализирано со отворање пристапни преговори, изјави премиерот Груевски и додаде дека единственото отворено прашање што не попречува во тој контекс е спорот што нашиот јужен сосед го отвори пред повеќе 20 години.

 - Советот доколку не одреди датум за преговори во Македонија веројатно следниот ден сонцето ќе изгрее исто како и пред Советот. Ние нема да чекаме ништо. Ќе продолжиме да работиме како што работиме и досега. Во земјата спроведуваме сериозни и крупни промени, реформи и многу модернизации во многу сектори. Тоа ќе продолжиме да го правиме и понатаму, а паралелено ќе работиме и на планот за надминување на главниот проблем поради кој не и е доделен датум за почеток на преговори, а тоа е противењето на нашиот јужен сосед. Ние нудиме отворен и директен дијалог со нашиот јужен сосед кој засега не наидува на позитивна реакција од нив, но се надеваме дека времињата и на тој план ќе се променат и дека со помош и на другите пријатели од меѓународната заедница ќе се најде начин да се придвижат работите за да се надмине ова прашање, изјави македонскиот премиер

Било потенцирано и дека постојат можности за продлабочување на одличната соработка.

13.11.2013 - 14:07
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа