Последна фаза од изградбата на ПВЕ „Богданци“

Паркот на ветерни електрани „Богданци“ влегува во својата финална фаза од изградбата. Во текот на вчераниот ден и официјално пристигна првата ветерна турбина од ветерниот парк Богданци, инвестиција вредна над 55 милиони евра.

Од ЕЛЕМ велат дека станува збор за исклучително сложена операција затоа што за превоз на  една ветерница, компонентите  се распоредени во десетина огромни  камиони, што формираат конвој подолг од еден километар.  Инаку, по три  камиони се распоредени перките за ветерницата и сегментите за столбот, во еден камион се пренесува гондолата, во еден наглавокот, а во два се распоредени помали парчиња, а од нив најголема тежина има гондолата во која се наоѓа генераторот.

- Во наредните денови  ќе почне и монтажата на ветерницата, а паралелно ќе продолжат да пристигнуваат и да се монтираат останатите турбини на локацијата Ранавец кај Богданци. Согласно воспоставената динамика,  ќе се транспортираат по две ветерници неделно, што како операција ќе тече во наредните два месеца, а ветерниот парк се очекува да биде ставен во функција во текот на првото тромесечје од наредната година, изјави Дејан Бошковски, генерален директор на АД ЕЛЕМ.

За потсетување, во мај годинава на локацијата Ранавец кај Богданци беше означен почетокот на градежните активности ПВЕ Богданци. До овој момент, завршена е изведбатата на потребната инфаструктура и придружни објекти за  ветропаркот. Изградена е патна инфраструктура, приклучен далековод, командна зграда и  20/110 киловолтна трафостаница, а паралелно тече ископот и бетонирањето на темелите за ветерниците.

Се предвидува изградба на 16 ветерни електрани  кои се очекува  да испорачуваат околу 100 гигават часови природно одржлива енергија.

13.11.2013 - 10:05

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа