Законот за даночна постапка пред пратениците

 

Комисија за финансирање и буџет на денешната седница го разгледа Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за даночна постапка, во прво читање, и заклучи дека е прифатлив и оти може да се даде на натамошно читање.

Како што информира владиниот повереник во Министерството за финансии Анета Димовска, измените се во насока на создавање на правна основа за спроведување  на сметководствено-форензичка анализа од страна на Управата за јавни приходи преку употреба на соодветна опрема и методологија за прибирање, прегледување и анализирање на податоците од уредите  на даночниот обврзник кои содржат медиуми за меморирање, складирање и чување на дигиталните податоци.

- Една од клучните измени што се предлага е што се создава и правен основ за објавување на листа на должници  од страна на УЈП и тоа за долгови по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување и акцизи и царини за кои вкупниот износ на долг е повисок од 120.000 денари за физички лица и самостојни вршители на дејност и 300.000 денари за правни лица. При пресметката на висината на долгот не се вклучуваат обврските  кои доспеале за плаќање во последните три месеци пред објавата на листата, рече Димовска.

Објавата на листата, како што кажа, ќе се врши на веб-страницата на УЈП најдоцна до 10-ти во месецот, а најдоцна 15 дена пред објавата на листата УЈП ќе биде должна да ги извести должниците дека доколку не го подмират својот долг ќе бидат објавени на листата.

- Со измените за допрецизираат и одредени членови кои се однесуваат на гаранција при откриен или неплатен данок. Со измените се овозоможува даночниот долг да се наплати и од лице кое има удел во даночниот обврзник, кое е должник сразмерно на процентот на уделот, лицето кое го застапува даночниот обврзник кој е должен во висина која одговара на товарот којшто произлегува од даденото овластување за застапување, лицето кое има долг кон даночен обврзник кој е должник и лицето кое го презема долгот до виснина на преземениот долг, појасни Димовска.

Членот на Комисијата Миле Андонов од СДСМ посочи дека покрај должниците кои заслужуваат да се најдат на листата на УЈП има и такви кои од објективни причини не можат да го платат долгот зошто, како што рече, имаат ненаплатени долгови за извршени работи кон државата, локалните самоуправи или другите државни органи кои се финансираат од Буџетот. Забелешка имаше и што на листата се предвидува да се ставаат и должниците за царина и акцизи, за кои рече дека треба да се најде друг начин на наплата.

- Најголеми забелешки имаме за одредбата ненаплатениот долг да може да се наплати и од основачите и соработниците на друштвата со ограничена одговорност. Сега од нив се бара да одговараат со сиот свој личен имот, а не само со имотот на друштвото. Ова предложено законско решение е во колизија со Законот за трговски друштва, рече Андонов и нагласи дека пратениците од опозицијата ќе гласаат против и оти во второто читање ќе поднесат повеќе амандмани.

Пратеникот Самка Ибраимовски од ПЦЕР, пак, рече дека предложеното законско решение ќе повлече многу даночни обврзници да поднесат иницијатива за оценување на уставноста. Тој додаде дека Законот за даночна постапка е европски и од неговото донесување во 2006 година досега немало забелешка во ниту еден од извештаите на ЕУ.

Комисијата на денешната седница го разгледа  и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за регистрирање на готовинските плаќања, во прво читање, и заклучи дека е прифатлив и оти може да се даде на натамошно читање.

Со измените, како што кажа заменик министерот за финансии Ардиан Џеладини, се предвидува купувачот или корисникот на услугата да немаат обврска да ја платат стоката или услугата доколку за тоа не им се издаде фискална сметка.

- Покрај тоа се предвидува и глоба во износ од 20 евра во денарска противвредност за физичкото лице купувач на добро, односно корисник на услуга доколку не побара фискална сметка или фискалната сметка не ја чува до 15 метри од напуштањето на местото на прометот на доброто или услугата, рече Џеладини.

Целта на измените, како што нагласи, е подобрување на фискалната дисциплина преку зајакнување на обврската за задолжително издавање на фискална сметка.

 

12.11.2013 - 15:38
Фото: 
Денешен

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа