" Поголема социјалната помош и враќање на старото решение за заминување во пензија" - СДСМ ја презентираше новата програма

Лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев, денеска ја презентираше новата програма на партијата чија основна цел е враќањето на средната класа во државата и како што велат од СДСМ, подобрување на условите за живот на сите граѓани.  Заев истакна дека над 30% од граѓаните во земјава живеат во тешка сиромаштија, па затоа СДСМ нуди предлог мерки и решенија за подобрување на животниот стандард и на социјално загрозените граѓани, сиромашните и останатите ранливи групи. 

Се работи за мерки за социјалната политика:

 

 Можност за докуп на стаж и воведување на државна социјална пензија

 Во Република Македонија има илјадници граѓани кои се постари од 65 години, но кои не примаат пензија, бидејќи не го исполнуваат законскиот минимум. Овие граѓанимногу често се оставени без какви било приходи. За нив, СДСМ ќе ги превземеме следните мерки:

 Ø  На оние граѓани на кои им недостасуваат до 5 години работен стаж за да стекнат право на пензија, ќе им овозможиме да извршат докуп на тој стаж;

 Ø  За граѓаните коишто нема да извршат докуп на стаж и не се корисници на каква било парична помош од државата, владата на СДСМ ќе воведе државна социјална пензија. На почетокот таа ќе биде во висина од 40% од просечната старосна пензија.

 СДСМ ќе овозможи заминување во пензија со 35 години стаж за жени и 40 години за мажи

 Во однос на критериумите (основата) за пензионирање, владата на СДСМ ќе овозможи враќање на старото решение за заминување во пензија со работен стаж од 35 години за жените и 40 години за мажите. Така, ќе се создадат 2 услови за стекнување на право за пензионирање: врз основа на старост (постојно решение), и врз основа на работен стаж (ново, дополнително) решение.

 Новини во однос на определувањето на висината на пензијата

 Ø  Во соработка со здруженијата на пензионерите, ќе го промениме начинот на усогласување на висината на пензиите. Сега, врз висината на пензиите подеднакво влијаат промената на трошоците на животот и промената на платите. Во иднина, висината на пензиите ќе зависи повеќе од промената на трошоците на животот, а помалку од промената на платите. Тоа е добро за пензионерите, бидејќи во поголема мерка ќе се сочува нивната куповна моќ;

 Ø  Во соработка со здруженијата на пензионерите, владата на СДСМ ќе воведе  „пензионерска потрошувачка кошничка“, која ќе служи како основа за следење на трошоците на животот на пензионерите. Тоа е исто така поволно за пензионерите, бидејќи пензиите ќе се усогласуваат со промена на цените на оние стоки и услуги што самите пензионери ќе ги оценат како најважни за нивната потрошувачка;

 Ø  Ќе го скратиме периодот за усогласување на висината на пензиите. Наместо постојното решение за усогласување на висината на секои шест месеци, висината на пензиите ќе се усогласува на секои три месеци. Тоа е особено поволно за пензионерите, бидејќи ќе овозможи побрзо приспособување на пензиите. Така ќе се избегне сегашната ситуација, каде основните животни продукти често поскапуваат за краток период, а пензионерите мора да чекаат половина година за да им се зголеми пензијата;

 Владата на СДСМ ќе ја зголеми социјалната помош за 40% во рок од 4 години

 Секоја година, владата на СДСМ ќе ја зголемува социјалната помош по 10% годишно. Во рок од четири години по доаѓањето на власт, тоа ќе значи зголемување на висината на социјалната паричната помош за 40%.

Тоа зголемување ќе се однесува на:

 Ø  корисници на социјална парична помош

Ø 

корисници на постојана парична помош

Ø 

постојана парична помош за корисниците неспособни за работа и материјално необезбедени и

Ø 

паричниот надоместок за нега и помош од друго лице.

 Идната влада на СДСМ ќе донесе посебен закон за правата на лицата со посебни потреби,

 Ќе донесеме закон за правата на лицата со посебни потреби кој темелно и на системски начин ќе влијае врз многу витални области од животот на овие наши сограѓани. Со тоа ќе бидат решени повеќе проблеми со кои се соочуваат тие граѓани: од решенија за проблемите со кои секојдневно се соочуваат во облик на физички бариери, административните бариери и обасправеноста, преку нивното работно ангажирање, па сè до нивно поголемо вклучување во сите општествени текови.

Од сите наведени мерки, секако и од многуте други кои ги планираме, станува јасно дека за нивното остварување ќе бидат потребни значителни финансиски средства.

Меѓутоа, ние сме убедени дека: Прво, во држава во која владата има искрени намери да води подеднаква грижа за сите граѓани во рамките не буџетот има многу можности за подигање на достоинството и квалитетот на животот на овие категории граѓани.

И второ, ние сакаме јасно да покажеме дека идната влада на СДСМ ќе има директен интерес за брзо наоѓање на работен ангажман за социјално загрозените граѓани, со што ќе дојде до трајно намалување на социјалните давачки до нивно одржливо ниво, велат од СДСМ.

 

 

12.11.2013 - 14:58

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега