Гир за почетокот на преговорите: Дали октомври е реалистичен? Да!

 

Северна Македонија си ја заврши „домашната задача“ и ние мора да испорачаме. Сакаме да почнеме преговори кои се всушност стартната линија. Но, картата за во ЕУ се реформите. Секој реформски чекор е чекор поблиску до ЕУ, изјави вечерва евроамбасадорот Дејвид Гир во гостувањето на телевизија Сител.

 

Тој порача дека треба да продолжиме да го туркаме процесот и да стигнеме до целта, за да ги почнеме преговорите.

 

– Дали октомври е реалистичен? Да! Како што кажав португалското претседателство работеше напорно, Словенија потенцираше дека ова и е приоритет и ќе ја продолжи работата и мислам дека сите разбираме дека треба да продолжиме да го туркаме процесот за да стасаме до целта и да ги почнеме преговорите, нагласи Гир.

Евроамбасадорот Гир, вели дека тоа што не се оспорува е европската перспектива на Северна Македонија и истакна дека е разочаран што земјава повторно не доби зелено светло за преговарачката рамка.

– Секако дека сум разочаран, сакавме да видиме што поскоро отворање преговори, последните 15 месеци беа тешки за сите, со ковид пандемијата, нормално е луѓето да сакаат да слушнат добри вести. И луѓето знаат дека ЕУ претставува најдобра можност за просперитет, стабилност, поткрепена од демократските принципи и владеењето на правото. Па сакаат да се придвижат напред, да го видат патот напред. Но, мислам дека е важно да се вратиме чекор назад и да имаме чисти глави. Она што не е доведено во прашање, она што не се оспорува е европската перспектива на Северна Македонија, потенцира Гир.

Јасно е, додаде, дека тоа останува стратешка цел на ЕУ, да ја види Северна Македонија како дел од ЕУ.

– Тоа не е доведено во прашање, напротив, во Советот и земјите членки имаме повторена потврда дека ова е наша стратешка цел и мораме да држиме фокус на тоа. Што тоа значи во пракса? Сега мораме да продолжиме со напорите, го видовме португалскиот предлог, тие дадоа предлог како да се постигне напредок, и одреден напредок беше постигнат, па мора да продолжиме да работиме со нив и да работиме кон оставрување на оваа цел, порача Гир.

Во однос на критиката од премиерот Зоран Заев дека „Европа има проблем кој произлегува од самата Европа Унија“, Гир нагласи дека политиката на проширување и одлуките на тоа поле се носат едногласно.

– Тоа се правилата на играта и треба да ги разбереме, затоа што ние тука зборуваме за канење на трета земја да дојде во клубот, да седне на масата и да носи одлуки. Темата е важна. Но, каде сме? Имаме констурктивен предлог од португалското претседателство кое има за цел да го придвижи процесот. Одреден напредок е постигнат и мора да продолжиме до целта, а истовремено има конструктивни дискусии меѓу Софија и Скопје, рече Гир, порачувајќи дека треба да се фокусираме на реалните можности, а тие, како што рече, се во рамките на португалскиот предлог за кој напорите ќе ги преземе Словенија со новото претседателство наскоро и истовремено билатералните односи меѓу Северна Македонија и Бугарија за да се постигне напредок.

Според него Македонија и Бугарија треба да продолжат со дијалогот. Важно е, вели тој, напорите да продолжат на двете страни за да можеме да видиме решение за проблемот.

– Постојат отворени билатерални прашања. И во вакви ситуации, како и во минатото ние ги охрабруваме двете страни да разговараат за да ги решат тие прашања билатерално. Ова не е прв пат во контекст на приемот на членки, да има билатерални спорови кои биле решени и каде засегнатите држави станале ЕУ членки. Уверен сум дека и ова може да се реши и дека ќе ја видиме Северна Македонија како членка на ЕУ, рече Гир.

Најави дека од сега до август ќе обезбедат 625 илјади вакцини, вклучувајќи 120 илјади за Северна Македонија. Членките, вели тој, обезбедуваат дополнителни количини и ќе продолжат и во иднина.

– Една од важните лекции која ја научивме во пандемијата е дека таа не познава граници, ние сме во ова заедно. И за да излеземе од ова мора да сме зедно. И затоа е толку важно луѓето да се вакцинираат, ако не сте вакцинирани, регистрирајте се, јас го направив тоа, затоа што со обезбедување на одредено ниво на вакцинација ќе можеме да го победиме вирусот во Северна Македонија, Западен Балкан и ЕУ, заклучи Гир.

25.06.2021 - 20:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега