Седница на Советот на Собранискиот канал за употреба на албанскиот јазик

 

Советот на Собранискиот канал денеска расправаше за барањето на пратеничката група на ДПА за проблемите со емитувањето на преводот на албански јазик на Собранискиот канал. 

Беким Фазлиу инсистираше дека граѓаните треба изворно да ги слушаат пратениците Албанци, без превод, исто како и македонските пратеници. Забележа дека иако Сузана Салиу од ДУИ е потпретседател на Собранието, не ги води седниците на албански јазик, а на програмата на Собранискиот канал се емитува само програма на македонски јазик. За оваа ситуација ја обвини ДУИ и нејзините пратеници и според него, тоа ја покажува политичката моќ што ја има оваа партија.

Претседателот на Советот на Собранието Јани Макрадули, чии заклучоци со мали модификации беа изгласани на седницата, истакна дека има граѓани што ги слушаат пратениците Албанци изворно преку кабелските оператори, но оти треба да се направат напори сите да можат да ги слушаат. Рече дека треба да се усогласи законодавството и да се погледне статусот на Собранискиот канал. Овој канал емитува еден видео и два аудио сигнали.  

Поголем дел од граѓаните Албанци можат да ја следат седицата и без притоа да користат превод, според пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи кабелските оператори нудат опција за тоа.

- Онаму каде што ние треба да се насочиме е да видиме каде не може да се следи на овој начин за да можеме да ја подобриме состојбата, рече Димовски. Според него 33 отсто од програмите што се емитуваат на МРТ се на албански јазик, а со тоа се навлегува во правата на другите етнички заедници во земјата. Соодносите не се почитуваат и тоа е позитивна дискриминација. Во однос на Собранискиот канал, програмата треба да се подобри, но според Димовски тој не треба да има уредувачка политика.    

- Треба да констатираме кои проблеми се појавија и како да ги надминеме, изјави Јакупи додавајќи дека вистински мерач и индикатор за тоа чија политика е поддржана од страна на гласачите биле изборите на кои ДУИ победи. - Вие рековте дека албанскиот јазик е политика, а ние дека е техничко прашање во порцес на надминување. И тоа ви падна во вода, изјави пратеникот на ДУИ одговарајќи на обвинувањата на неговите колеги од ДПА.

11.11.2013 - 14:26

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега