Одбележан Светскиот ден на науката

 

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ се вклучи во глобалното чествување на науката и преку изложби во Ректоратот ги презентираше научно-истражувачките проекти што ги финансирал во 2012 година и монографиите, зборниците и другите научни трудови што ги објавил неговиот истражувачки кадар во 2012/2013 година.

Ректорот Велимир Стојковски истакна дека УКИМ со својот научен потенцијал се вклучува во проекти што го засегаат современиот свет, како истражувањата на озонската обвивка, производство на здрава храна и во заштита на водите - што е и тема на годинашното одбележување. Соопшти дека годишно се прават голем број научно-истражувачки проекти на УКИМ - 24 се финансирани од Универзитетот, 64 финансирани од разни меѓународни фондови и организации (ФП 6, НАТО, МААЕ...), како и проектите финансирани од МОН.

- Мора да бидеме искрени дека во една светска криза нашата држава успева да најде начин да ја помогне науката. Задоволството не е само мое лично, туку од сите научни работници, зашто речиси и да нема факултет или институт на УКИМ кој не беше вклучен во оваа програма. Не секогаш вложувањето во науката треба да биде директно во истражување. Во овој момент за нас е добредојдено ова вложување во ресурси, бидејќи секое квалитетно истражување претполага да се има добри и квалитетни услови и опрема од европски и светски производители, затоа што се повеќе за трудовите во списанија со импакт-фактор се води сметка на каква опрема е реализирано истражувањето и колку таа е релевантна на светскиот пазар,  рече Стојковски.

На настанот присуствуваше и министерот за образование и наука, Спиро Ристовски кој ги истакна заложбите на Владата во научно-истражувачката дејност. - Оваа година некаде околу половина милијарда денари, во проекциите за следната година околу милијарда денари имаме предвидено за обврски кои треба да ги реализираме за поддршка на научно-истражувачката дејност поврзана со лаборатории, набавка на нови изданија од проектот за превод на илјада учебници од најпознатите светски универзитети. Не можам и не сакам да кажам дека не може повеќе, но нашата цел како Влада е во континуитет да ги зголемуваме инвестициите во науката и за тоа имаме многу јасно дефинирана цел,  стратегија и план, рече Ристовски.

- Република Македонија е мала земја чиј севкупен развој најмногу се базира на знаење и креирање вештини. Така и ќе остане, затоа што ние немаме енормни природни богатства, а ниту, пак, во иднина ќе ни се појават нафтени полиња или мориња со долги песочни плажи. Ве уверувам дека  како Влада ќе продолжиме со политиките за развој и унапредување на научно-истражувачката дејност, рече Ристовски пред професорите на УКИМ кои присуствуваа на отворањето на изложбата по повод Светскиот ден на науката за мир и развој. 

11.11.2013 - 13:00
Фото: 
Влада

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа