Влада: Јазикот и идентитетот не се на маса за преговори
Владата ги демантира наводите на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека биле координирани тајни преговори во кои било понудено Декларацијата од бугарскиот Парламент да стане дел од преговарачката рамка со Европската унија.
-Апсолутно се неточни и неодговорни изјавите на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека наводно се воделе преговори околу македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Напротив, во сите комуникации на членовите на Владата секогаш јасно потенцираме дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет никогаш не биле и никогаш нема да дозволиме да бидат масата за преговори со било која страна. Со македонскиот идентитет не смее и нема да си игра ниту оваа, ниту било која друга Влада и со тоа се исполнуваат сите критериуми неопходни за национален консензус за ова прашање. Овој наш став е јасно разбран и поддржан од пошироката меѓународна заедница како што впрочем е јавно соопштено и во ставовите на голем број европски лидери. Тоа го знае и Мицкоски, но тој, како и многу пати до сега, не пропушта прилика да му наштети на секој процес, не секоја иницијатива која отвора перспективи и решение. Исплашен од таа можност презема и вакви штетни постапки спротивно на сѐ што е во интерес на граѓаните и државата, вклучувајќи ја и оваа негова изјава преполна со неточни тврдења. Со обидот за гол популизам и манипулации со фактите, иако му се добро познати, уште еднаш станува јасно дека лидерот на опозицијата делува целосно деструктивно и се обидува да ги минира дипломатските процеси кои во најдобрите европски манири нудат решение низ дијалог., велат од Владата за Пресс24.
Мицкоски објави дека специјалниот пратеник во Софија, Владо Бучквоски и премиерот Заев деновиве координирале тајни преговори каде се нуди Декларацијата усвоена во бугарскиот Парламент да стане дел од преговарачката рамка со ЕУ.
-Дел од документот на бугарското Собрание се оспорување на генезата и посебноста на македонскоит јазик, ревизија на историјата и периодот на нашата антифашистичка борба, како и присвојување на важни личности од македонската историја како бугарски и уште редица отстапки кои се погубни за Македонија, напиша Мицкоски на Фејсбук.
Според него, на тој начин, Македонија се става во позиција да преговара за македонскиот идентитет и јазик.
-Ако Заев го прифати ова, тоа значи дека нѐ става во позиција да го негираме македонскиот идентитет и да прифатиме дека како народ постоиме од 1945 година, што е небулоза и срам за сите нас и за нашите предци и поколенија. Не смееме да дозволиме овие двајца политички измамници да ја понижат жртвата на нашите предци и да ја загрозат иднината на нашите потомци, вели Мицкоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа