Г. Петар: МПЦ не згреши што го забрани Фејсбук

Владиката преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски г. Петар никогаш не би им забранил користење социјални мрежи на монашките и на свештените лица доколку нема злоупотреби за изнесување лични мислења спротивни на црковното учење. Toj во интервју за „Гласот на народот“ на ТВ Сонце вели дека Синодот на МПЦ не им го забранува Фејсбукот на верниците, но препорачува оваа социјална мрежа да не се злоупотребува за користење и создавање вербален напад и линч врз оние што се послушни на божјите закони, на одлуките и наредбите на црковните власти.  

- Се потврди дека Синодот на МПЦ донел праведна одлука со забраната за користење на фејсбукот од страна на свештеници и монашки лица од кои мнозинството не ја испочитуваа, покажувајќи самоволие и анархија во МПЦ, истакнува владиката Петар.

Тој вели дека лично би гласал никогаш да не се забрани користењето на фејсбукот и на монашките и на свештените лица доколку, како што вели, не се злоупотребува за создавање пријатели како гласачка машина за вербален напад и линч против архиереите, свештенството, монаштвото и верниците кои целосно се застапуваат за проповедање на словото божјо и општење со верниците и луѓето на заеднички молитви во храмовите и разговори, поуки и совети во црковните објекти и простории.

- Прашање е дали свештеното или монашкото лице на кое не му е до литургиско живеење и извршување на сите богослужби во храмовите и кое не ги повикува и не успева да ги воведе верниците во црквата, туку се дружи само по социјалните мрежи, воопшто треба да биде во црквата или пак местото му е во секуларниот свет, вели г. Петар.

Во врска со знамето од Кутлеш напоменува дека тоа не е само национално, туку е и црковно, бидејки има стотици примери на негово изразување во македонските цркви од различни периоди, од најстаро време до денес. - Секој обид за откажување од него е предавство на нашето македонско национално и црковно постоење, нагласува  владиката Петар.

09.11.2013 - 11:33

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега