Ѓорѓиев: Се избираат претседател и членoви на Инспекцискиот совет

Владиниот потпарол Александар Ѓорѓиев денеска обелодени дека е распишан огласот за избор на претседател и шест члена на Инспекцискиот совет, со што започнува една од најсуштинските реформи што се презема од страна на Владата за подигнување на квалитетот на  инспекцискиот надзор.

- Инспекцискиот совет ќе биде централното тело  кое ќе биде главен регулатор на сите процеси и непосредно ќе раководи со целокупната реформа, како и со поставувањето на овој систем кој ќе внесе исклучително значаен нов квалитет во постапувањето во самата област. Четири пати годишно Инспекцискиот совет ќе ја известува Владата за својата работа, а еднаш месечно задолжително согласно новиот Закон ќе одржува транспарентни седници на кои ќе расправа за сите претставки и поплаки кои граѓаните или компаниите ги имаат поднесено. Ќе има право за вршење на посебен вид надзор врз инспекциските служби и на тој начин значително ќе го подобри квалитетот во оваа област, изјави владиниот потпарол.

Ѓорѓиев нагласи и дека Владата ги охрабрува сите високостручни лица, кои поседуваат морален кредибилитет, висока етика и интегритет да се пријават на овој оглас: - Членови на Инспекцискиот совет, како централно регулаторно тело на целокупната реформа, треба да бидат најспособните, најквалитетните, најдобрите личности, оние кои поседуваат високи морални карактеристики, углед во јавноста, знаење и вештини, затоа што токму од нивниот интегритет, знаење и етика ќе зависи развојот на целокупната оваа област.

Инаку, улогата на претседателот на Советот е да ги управува сите процеси, а 6-те членови покриваат определна сфера. Еден од членовите ќе го покрива надзорот на пазарот, работните односи, безбедноста и здравјето при работа, друг животна средина и заштита на здравјето на луѓето, потоа градежништво, урбанизам и транспорт, друг член ќе го покрива образованието, наука и култура, петтиот земјоделство, шумарство, ветеринарство и безбедност на храната и шестиот член на Советот ја покрива областа од управтаа и управните работи.

Огласот ќе трае до 20-ти месецов, а услови се дадени во него.

- По разгледувањето на писмените поднесоци и обавување разговори со потенцијалните кандидати ќе бидат именувани вршители на должноста претседал и членови на Инспекцискиот совет. Во тој период од три месеци именуваните лица треба да достават  уште три документи. Првиот документ е за познавање странски јазик - меѓународно признат сертификат за познавање странски јазик, потоа сертификат за напредно познавање компјутерски техники и вештини и документ што потврдува дека кандидатот е способен за извршување на овие задачи односно положен тест за интегритет, истакна Ѓорѓиев.

08.11.2013 - 13:47

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа