Договор за регистрирање на епархија во Австралија

Регистрирање на Македонска православна епархија во Австралија, според најсовршената законска форма за регистрирање на непрофитни организации, вклучувајќи ги и црковните организации. Ваков договор во Охрид вчера начелно постигнале претставниците на Македонските црковни општини во Австралија на чело со претседателот Игор Аврамовски Александров и владиката Тимотеј, откако пред една година беше назначен за координатор за црковните општини што не ја признаваат јуриздикцијата на владиката Петар.

Владиката Тимотеј, пак досега одбиваше да ја посети Австралија, со образложение дека се додека во тамошните цркви служат расчинети свештенеци, нема да се создадат услови да ги посети македонските црковни општини во Австралија.

Игор Аврамовски Александров вели дека на г. Тимотеј му доставиле урнек за Устав за регистрирање на Епархија, изработен врз основа на стручни совети од правници и управнички консултанти кои специјализираат во сферата на управување со непрофитни организации и исполнување на законските обврски и права на непрофитните организации во австралиското општество.  

- Во тој урнек се опфатени клучните точки за кои постигнавме согласност при минатогодишните преговори со специјалната комисија на Синодот на МПЦ. Додадени се и повисоки гаранции за финансиска поткрепа на епархијата од страна на секоја Македонска православна општина која ќе биде нејзина членка. Утврдено е и дека секоја локална Македонска православна општина, односно заедница треба да биде регистрирана како посебно правно лице во Австралија, што подразбира и право да поседува и управува со сопствен имот, според  највисоките стандарди за регистрирани непрофитни организации во Австралија-вели Александров.

Додава дека г. Тимотеј треба да го разгледа предложениот урнек, да посочи што тој смета дека треба да се измени и додаде според црковните прописи, па откако по стручни совети околу компатабилноста со релевантните правни норми, ќе постигнеме согласност за завршен нацрт-устав за регистрација на епархијата, истиот да биде поднесен на Синодско разгледување и одобрување од страна на Архиепископскиот црковно-народен собор.     

Се уште, вели Александров остануваат нерешени неколку болни проблеми кои произлегоа од напорите на Петар да ги приграби имотите на црковните општини во Австралија.  

- За нас се и понатаму спорни продолжената надлежност на Петар врз црковната општина Св. Петка од Рокдејл и неговите деструктивни тужби за приграбување на нејзините имоти. Спорен е и фактот што тој и двајца негови попови се законски сопственици на пет имоти кои ги водат како македонски православни храмови во Австралија, а на четири други такви храмови законски сопственици се други приватни лица.  Спорно е и продолженото одржување на служби од страна на Петар во иноверски и други објекти во непосредна близина на наши постари храмови, со цел таму да ги пренасочи нашите верници, преку недостојни пропаганди-вели Александров.

 

Според него, за Синодот и г. Тимотеј најспорно е вработувањето на пет свештеници кои Петар ги прогласил за расчинети, но за кои ние не сме уверени дека се праведно и канонски расчинети, туку сметаме дека се жртви на општата хајка која Петар ја водеше против нашите заедници за узурпирање на нивните имоти.

Очекуваме, вели Александров, сите преостанати спорни точки системски да се решат штом ќе се регистрира Епархија на МПЦ како правно лице во Австралија, со свој устав и според законски норми кои ќе служат како рамка за праведно решавање на секакви внатрешни спорови.  Меѓу другото, урнекот кој ние го предложивме ја поставува потребата парохискиот свештеник да биде одобрен од надлежниот владика како критериум за членување на било која општина во Епархијата.

08.11.2013 - 11:49

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега