Светска Банка: Македонија создава работни места но се нископродуктивни

 

Во Извештајот на Светската Банка  „Назад на работа: Раст со работни места во Европа и централна Азија“, се оценува дека Македонија создава работни места, но ниско продуктивни.

- Меѓу оние што работат, платите и продуктивноста се ниски. Македонија успеа да создава работни места и додека другите земји во регионот ги губеа, меѓутоа, повеќето од овие нови работни места се или ниско продуктивни или фискално скапи: 27,1 проценти од нето отворените работни места од 2007 година се во земјоделството, 13 проценти во трговијата на мало, а 19,7 проценти во јавниот сектор. Истовремено, и покрај високата невработеност, на фирмите често им е тешко да вработат работници со вистинските вештини, укажувајќи на потребата да се зголеми релевантноста на образовните резултати во однос на потребите на пазарот на труд, укажува Светска банка и посочува дека Македонија веќе има спроведено важни реформи на пазарот на трудот, како што се намалувањето на ограничувањата на договорите на одредено време, намалувањето на персоналниот данок од доход и на социјалните придонеси и одделувањето на здравственото осигурување од пријавувањето на невработените. 

Според Татијана Проскурјакова подобрувањето на можностите за вработување е критично за подобри социјални и економски резултати во Македонија.

- Светска банка планира и да го финансира проектот за вештини и иновации, кој ќе и помогне на Владата да го реформира финансирањето на високото образование и да го зајакне механизмот за обезбедување квалитетот, како и да ја подобри релевантноста на техничкото стручно образование и обука, истакнува директорот на канцеларијата на Светска банка во Македонија.

Во извештајот се препорачуваат активности во две главни области на политиките за да се отворат повеќе и подобри работни места во ЕЦА: - поставување темели за создавање работни места преку поволно макроекономско и деловно опкружување кое на постојните фирми им овозможува да растат, а на новите да се создаваат и да успеат или да пропаднат брзо и со ниски трошоци, и поддршка на работниците да ги искористат новите можности за вработување, имајќи  вистински вештини и поттик за работа, непречен пристап до пазарот на труд и можност да се преселат во места со поголем потенцијал за создавање работни места.

08.11.2013 - 10:25
Фото: 
Лидер.мк

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега