Баркер: Германскиот ангажман за спорот со името ќе зависи од новиот министер за надворешни работи

Директорот за трансатлански односи на големата германска фондација Бертелсман во Вашингтон, Тајсон Баркер, вели дека одговорот на прашањето дали Германија поинтензивно ќе се зафати за решавање на грчко-македонскиот спор за името, ќе се знае дури откако ќе се состави новата германска Влада. Оваа изјава доаѓа поради неодамнешната средба на медијаторот Метју Нимиц и германската канцеларка Ангела Меркел.

Баркер изјавува дека мора да почекаме да завршат маратонските преговори на Меркел за состав на новата Влада со помалиот партнер – Социјал-демократската партија, и да се види кој ќе биде новиот германски министер за надворешни работи.

- Се зависи од тоа кој ќе го добие министерството за надворешни работи. Не можеме да кажеме ништо додека не видиме кој ќе ја земе таа функција. Во моментов изгледа дека тоа ќе биде некој од СПД, но не се знае уште кој. Кој и да биде ќе биде подобар кандидат од Вестервеле, и подобро упатен во потребите на меѓународната политика, бидејќи на Вестервеле му требаше долго време да се навикне на задачата, вели Баркер.

Тој додава дека Македонија, и целиот Западен Балкан, се прашања кои ќе зависат од личниот интерес на новиот министер за надворешни работи. Самата Меркел нема да се занимава со Балканот. Таа ќе работи на големите сили, како Русија, оценува Баркер, чија институција е една од водечките германски аналитички организации во САД. Американскиот професор Даниел Сервер неодамна повика САД и Германија да се ангажираат околу надминување на спорот за името, и да извршат притисок врз Грција конечно да се деблокираат преговорите за членство во Европската Унија и за влез во НАТО за Македонија.

08.11.2013 - 09:28
Фото: 
Денешен

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега