Ристовски: Продолжува истрагата за фалсификуваните дипломи

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска изјави дека и понатаму во Македонија ќе продолжи истрагата за фалсификувани дипломи. Тој појасни дека во оваа фаза од истрагата за  откриената лабораторија за фалсификувани дипломи од Државниот универзитет во Тетово не може да се потврди дали нив ги има кај лица во Македонија или биле наменети само за граѓани во Италија.

- Во оваа фаза не би можел да претпоставувам дали имало или немало. Врз основа на оперативните сознанија кои ги имаме добиено од Министерството за внатрешни работи, станува збор за изолиран случај во Тетовско, каде што граѓанин фалсификувал дипломи за италијански граѓани за Државниот универзитет во Тетово. МВР во соработка со МОН ќе ја продолжи истрагата, изјави Ристовски по посетата на Технолошко-металуршкиот факултет.

Ристовски додава и дека МВР ги откри дипломите наменети за странски државјани во Италија, поради што се известени и надлежните институции во Италија. Паралелно се вршат проверки во соработка со сите надлежни институции дали имало фалсификување дипломи претходно или биле на друго место употребени.

Ректорот на Државниот универзитет во Тетово Вулнет Амети денеска на прес-конференција изјави дека Универзитетот презел конкретни мерки за откривање на случајот на фалсификувани дипломи од Факултетот за медицински науки и оти по собирањето на сите докази го известиле Секторот за внатрешни работи во Тетово. Тој додаде и дека ќе се борат по секоја цена против фалсификувањето и измамите на Универизтетот.

 

07.11.2013 - 14:31
Фото: 
Региони.мк

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега