Македонците од Австралија повторно на средби со Синодот на МПЦ

Претсавници на македонските црковни општини од Асвтралија, за кои минатата година Синодот го одреди Митрополитот, Г. Тимотеј за координатор, по пристигнале во Македонија со цел да разговараат со г.Тимоте и со Синодот, бидејќи се уште состојбите на австралискиот континент се статус кво. Бидејќи надлежниот Владика, г.Тимотеј своето патување во Австралија го условува со остранување на расчинетите свештеници, претставницте на црковните општини се во Македонија со цел да се најде решение за проблемот.

 

 - Ние не инсистираме г. Тимотеј да сослужува со таканаречените спорни свештеници, туку го каниме да дојде да се запознае со сите релевантни проблеми на терен, да разговара директно со сите управни одбори на црковните општини кои законски ги вработуваат свештениците, а по можност и со независни австралиски правници, за да се изнајде трајно решение на крупните правни и организациски спорови кои доведоа до оспорување на некои од нашите свештеници, вели Игор Аврамовски Алексадров, претседател на македонската црковна заедница во Австралија.

Митрополитот г.Тимотеј, кој е назначен како координатор, администратор за црковните општини кои не се под јуриздикција на Владиката г. Петар вели дека нема да замине во Австралија се додека таму служат свештеници кои ги расчинил г. Петар. Каков е Вашиот коментар?

АЛЕКСАНДРОВ: Ние не инсистираме г. Тимотеј да сослужува со таканаречените спорни свештеници, туку го каниме да дојде да се запознае со сите релевантни проблеми на терен, да разговара директно со сите управни одбори на црковните општини кои законски ги вработуваат свештениците, а по можност и со независни австралиски правници, за да се изнајде трајно решение на крупните правни и организациски спорови кои доведоа до оспорување на некои од нашите свештеници.  Во тие разговори може со меѓусебна согласност да се разреши прашањето околу оспоруваните свештеници, кое е деликатна, но сепак споредна точка во поголемата слика на расколот наметнат од владиката Петар.  А бидејќи изгледа дека оспорувањето на свештениците се заснова на Синодски одлуки, донесени под притисок на Петар, најдобро е со г. Тимотеј да дојдат и Архиепископот и останатите членови на Синодската комисија која беше назначена да преговара со нас за надминување на состојбите во Австралија. 

Но, сепак, посетата на Владиката подразбира и црковни обреди, литургии, не може г. Тимотеј да дојде во Австралија, а да не отслужи ниту една литургија?

АЛЕКСАНДРОВ: Во секој случај, има доволно храмови во кои г. Тимотеј може веднаш да сослужува со парохиски свештеници кои се одобрени од Синодот.  Од 14 храмови во Австралија кои Синодот лани одлучи да ги прими под своја директна духовна надлежност, со г. Тимотеј како администратор, само во 5 служат свештеници кои Петар ги прогласи за расчинети, со аминување од Синодот.  Во останатите служат свештеници одобрени од Синодот.   Во Успение на Пресвета Богородица, каде што г. Тимотеј е поканет за свечено осветување на новоизградениот храм, служи свештеник кој минатата година од Македонија го испрати токму г. Тимотеј, со Синодска согласност. 

Што е всушност проблемот со расчинетите свештеници?

АЛЕКСАНДРОВ: Што се однесува до спорните свештеници, колку што ние знаеме, тие се прогласени за расчинети од страна на Петар само заради тоа што дојдоа да служат во наши храмови кога Петар реши да ги остави тие храмови без свештеници  и да ги прогласи за неканонски, само затоа што не му дозволувавме да ги присвои имотите и парите на надлежните црковни општини.  

Тоа значи дека нема простор за преиспитување на одлуката од една страна и од друга страна простор за попустливост од Ваша страна?

АЛЕКСАНДРОВ: Постојано посочуваме дека ако Синодот смета дека спорните свештеници се валидно расчинети, го замолуваме да ни ги достави обвиненијата, доказите и пресудите според кои тие се расчинети, па ако нашите независни адвокати не советуваат дека наводните расчинувања би издржале пред суд, трибунал или друг надлежен орган на Австралија пред кој општината би можела да биде повикана на одговорност како работодавец, црковните општини кои законски ги вработуваат свештениците сами ќе ги разрешат од работните места и ќе побараат г. Тимотеј да обезбеди соодветна замена.  

Но нереално е да се очекува од црковни заедници кои 16 години се бранеле од неправдите на Петар, кој и самиот е расчинет во времето на Архиепископот г.г. Гаврил, без праведна процедура да исфрлат на улица свештеници кои биле на браникот на таквата одбрана, само за да ја задоволат петревата лична потреба да биде победник.  Па ако одиме до крај по неговиот ум, колку свештеници треба МПЦ денес да расчини само затоа што комуницираат со својот народ и ја промовираат МПЦ преку Фејсбук?  И зарем има недостиг на други православни цркви кои би ги примиле тие свештеници под своја капа, за како жртви на неправда да привлечат со себе и македонски православни верници, па така да се забрза исчезнувањето на МПЦ како афтокефална Црква?  Руската Црква и Грчката православна патријаршија од Антиох веќе тоа го прават со некои Македонски свештеници кои Петар ги прогласил за расчинети (иако Петар има сомнителен сојуз со Грчката патријаршија од Антиох во Австралија), но за кои не може да ја увери јавноста или останатиот православен свет дека се валидно расчинети.  По тие свештеници, во туѓите цркви неминовно одат и верници кои се разочарани од МПЦ, бидејќи Петар, како нејзино лице во Австралија, во нивните очи веќе ја прикажал како неправедна, неискрена и недостојна институција.  Нашата цел е да ја заштитиме МПЦ од тој разнебитувачки процес, а не да го забрзаме.

Австралија е правна држава, во која не е лесно ниту пред судот на правдата ниту пред судот на јавноста да разрешиш свештеник од работа и засекогаш да му ја нарушиш свештеничката чест, освен ако тој тоа оправдано го заслужил. 

Што станува со имотите. Тоа прашање останува отворено?

АЛЕКСАНДРОВ: Дополнителен проблем е што нашите заедници сеуште не добиле никакви конкретни гаранции како возврат за исполнување на ултиматумот кој денес ни се поставува околу свештениците. 

Синодот сеуште не презел ништо за враќање на оние четири храмови кои Петар успеал да ги препише на свое лично име, со двајца негови попови како косопственици, спротивно на Член 172 од Уставот на МПЦ.  Напротив, дознаваме дека после ланските наши преговори со Синодската комисија, Петар ставил уште еден црковен имот на негово лично име, во градот Бризбен.  Синодот сеуште не презел ништо ни за враќање на четири други храмови кои се регистрирани како лична законска сопственост на приврзаници на Петар, или пак за иноверските храмови во кои Петар и неговите попови одржуваат служби само за таму да пренасочат верници од храмови кои Синодот минатата година ги прими под своја директна надлежност. 

Синодот не ги спречи ни погубните мултимилионски тужби против МПЦО Св. Петка од Рокдејл, за кои Петар денес трвди дека ги добил, иако тој е поразен по најклучната точка околу законската сопственост врз имотот и точката околу тоа дали поединечните членови на управата на Св. Петка треба да ги платат неговите адвокатски трошоци.  Денес Св. Петка е безмалку дезертирана од илјадниците верници кои ја посетуваа кога таму служеше еден од спорните свештеници, прота Наум Деспотоски, затоа што со судска принуда сега служи озлогласениот поп Митко Митрев, кој заедно со Петар беше тужител на МПЦО Св. Петка.  Но и за тоа Синодот сеуште не презел ништо, иако може лесно проблемот да го реши со ставање на Св. Петка под надлежност на г. Тимотеј и назначување на нов свештеник.

Разговаравте ли за сите овие проблеми со г.Тимотеј, со Синодот?

АЛЕКСАНДРОВ: Се надевам дека проблемот до некаде е резултат на недоразбирање на ситуацијата во која се наоѓаме, па затоа главна цел на мојата сегашна посета на Македонија е да остварам директни разговори со г. Тимотеј, а по потреба и со останатите членови на Синодската комисија, за подобро да се разбереме.

 

07.11.2013 - 11:01

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега