Извинување до Шекеринска: Направена ненамерна грешка во текст на Press24
Press24 во својот вчерашен текст со наслов „Антикорупциска пресече: имотот на Мијалков ќе го провери УЈП - под лупа анкетниот лист на Шекеринска„ направи ненамерна грешка кога напиша дека „во јавноста излегоа информации за несразмерното богатење во периодот додека таа ја извршувала функцијата потпретседател на владата„ за која и се извинуваме доколку ја навредила или наштетила на нејзиниот углед.
Авторот на текстот погрешно ги формулирал и дефинирал обвинувањата кои на нејзина адреса ги упати владејачката партија. Имено ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција на 01.11.2013 обвини дека Шекеринска се стекнала со станови вредни најмалку 505.700 евра во периодот од 2006та до 2011, веднаш По периодот кога беше вицепремиер во Владата. Press24 погрешно го пренесе обвинувањето за што изразува жалење.
Текстот со погрешните наводи ќе биде коригиран а во продолжение го пренесуваме демантот од пратеничката Радмила Шекеринска.
Барање за извинување и повлекување
„Во текстот објавен на Вашиот портал на 6.11.2013 година, под наслов „Антикорупциска пресече: имотот на Мијалков ќе го провери УЈП - под лупа анкетниот лист на Шекеринска„ објавена е груба дезинформација и клевета.
Согласно член 6, став 1 и 2 и член 8, став 1 и 2 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, со објавување на овој текст изнесени се целосно невистинити факти, штетни за мојот углед и чест како граѓанин и пратеник во Собранието на Република Македонија и ми е нанесена штета која, согласно законот, може да се ублажи, или во спротивно ќе биде предмет на судска постапка.
Имено Ве информирам и Вас и јавноста дека не е точно дека „во јавноста излегоа информации за несразмерното богатење во периодот додека таа ја извршувала функцијата потпретседател на владата„ и жалам што вашите новинари не се обидоа барем да ме контактираат и да побараат информација околу оваа невистина и дезинформација.
Во врска со погоре наведеното, а согласно со член 13 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, до Вас како уредник упатувам барање за извинување и јавно повлекување на објавените невистини. Во смисла на став 2 и 3 од истиот член очекувам јавното повлекување и извинување да биде објавено на истото место и во ист обем како и спорниот текст“
Радмила Шекеринска
07.11.2013 - 10:25
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа