Прелиминарно распределени ЦЕМТ дозволите за 2014

Министерството за транспорт и врски  денеска изврши прелиминарна  распределба на меѓународните ЦЕМТ транспортни дозволи за 2014 година. Со ЦЕМТ дозволите се покриени 45 проценти од возилата на превозниците со еуро 5 стандард, а целосна покриеност има за возилата со еуро 6 стандард.

Република Македонија за следната година има на располагање 1.310 ЦЕМТ дозволи за возила со еуро 5 категорија и 84 ЦЕМТ дозволи за возила со еуро 6.  До 10 октомври кога почна  аплицирањето за ЦЕМТ дозволите во Македонија беа регистрирани 2.086 возила со еуро 5, но не аплицирале сите.

Според министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, распределбата  на ЦЕМТ дозволите, што веќе осум години се врши по електронски пат, е процес одобрен од превозниците што нуди транспарентност и со него се елиминира секаква можност за корупција.  

На превозниците што не добиле ЦЕМТ дозвола Јанакиески им порача да не се разочаруваат  затоа што  Министерството  за транспорт интензивно работело на потпишување спогодби за либерален транспорт. Исто така, укажа Јанакиески,  од земјите  со кои што немаме потпишано спогодби за либерален  транспорт секоја година добиваме што  е можно поголем број дозволи, така што ретко се случува транспортери да не можат да однесат стока кон некоја земја поради немање дозвола. Ние имаме одлична соработка со голем број земји и пред да има состојба со недостаток на дозволи одржуваме средби со министрите и состаноци на  техничко ниво, така што превозниците генерално се задоволни од дозволите што ги добиваат во  текот на годината од Министерството за транспорт и врски, изјави по распределбата на дозволата министерот Јанакиески.

По прелиминарната распределба и објавената прелиминарна листа, појасни, секој транспортер доколку е незадоволен има право да поднесе жалба.

Министерството за транспорт годинава првпат изврши распределба на ЦЕМТ дозволи за возила со еуро 6 стандард, а во процесот за распределба воопшто не се вклучени возила со понизок стандард од еуро 5. Поради натамошно следење на политиката на Европската унија за користење возила  со повисоки еколошки стандарди министерот Јанакиески апелира превозниците навреме да набавуваат возила со повисоки стандарди, односно што е можно повеќе со еуро 6.

- На годишната конференција во Париз добиваме контингент, тие дозволи ги ставаме во системот и ги распределуваме. Таа политика не ја правиме ние, туку е на ниво на Европа. Ние немаме многу  простор за маневар. Можеме само предвреме да им соопштиме на транспортерите да знаат што ги очекува, но исто така во соработка со останатите земји да добиваме што е можно повеќе билатерални, транзитни и друг тип дозволи.... Со тоа им овозможуваме на нашите превозници да бидат конкурентни, но исто така да можат да носат стока кон земјите за каде имаат договор, изјави Јанакиески.

Македонија има воспоставено целосно либерализиран превоз со Чешка, Словачка Велика Британија, Швајцарија, Унгарија, Босна и Херцеговина. Обезбедени се и дополнителни дозволи со Италија, Бугарија, Романија, Турција, Австрија, Србија и други држави.

06.11.2013 - 15:41
Фото: 
Утрински

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега