Спасов: Парична казна за градинката „Детска радост“ и директорката

 

Министерот за труд и социјала, Диме Спасов, денеска при посетата на Домот за деца без родители и родителска грижа, „11 Октомври“, изјави дека ќе биде изречена казна во висина од 5.000 евра за градинката „Детска радост“ во општина Гази Баба и 500 евра за директорката на таа установа од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство.

- Утврдено е дека пред повеќе од година дена имало одредени недоследности, недостатоци во работењето на градинката во однос на стандардите, квалитетот на храната и условите за работа. Дополнително од страна на инспекцијата за детска заштита при Министерството за труд и социјална политика извршен е повторен надзор и ќе бидат изречени парични казни. Согласно Законот за детска заштита, казната е во висина од 500 до 1.000 евра, рече Спасов при посетата на Домот за деца без родители.

Министерот Спасов потенцираше и дека од страна на градоначалникот ќе бидат преземени мерки и ќе биде покрената постапка за разрешување на директорката на градинката.

- Утврдено е неколку пати непочитување на стандардите и квалитетот на храната во градинката и поради тоа се преземаат вакви строги санкции против одговорните лица и во останатите институции да не се случи повторување на ваква појава. Дополнително од страна на надлежните инспекции во наредниот период ќе се прават и вонредни контроли со цел да се утврди дали секаде се почитуваат стандардите и да се преземат соодветни мерки, додаде министерот Спасов.

06.11.2013 - 15:35
Фото: 
либертас.мк

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа