ВМРО-ДПМНЕ: Жерновски и СДСМ се прават жртви за да ја сокријат неспособноста

Советниците од општина Центар не ја изгласаа одлуката за располагање со градежното земјиште кое е во сопственост на Р. Македонија.

„Предлог програмата за работа во областа на располагање со градежно земјиште во сопственост на Република Македонија на подрачјето на општина Центар за 2013-та година“ не помина на седница на советот. Советниците на „Сојузот за иднината“ со 11 гласа за го поддржаа предлогот, додека 11-те советници на ВМРО-ДПМНЕ гласаа воздржано.

Градоначалникот на Центар Андреј Жерновски, потегот на советниците на ВМРО-ДПМНЕ го оквалификува како гест преку кој ги застапуваат интересите на Владата а не на граѓаните на општината.  Со одлуката да се гласа воздржано Жерновски ја препознал идејата на централната власт да протурка решенија на штета на граѓаните, а доколку Центар би владел со како што вели сопственото земјиште просторот за маневар на власта значително ќе се намалел, а тоа никако не му одговарало на ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, денеска реагираат дека градоначалникот Жерновски и СДСМ сосема смислено се прават жртви, за да ја затскријат неспособноста и немањето на проекти.

-Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ не гласаше против правото општината Центар да се стекне со владение врз градежното земјште, како што тврди Жерновски, туку гласавме против, тоа да се направи на незаконски начин и насилно, против интересите на граѓаните, а во корист на затскриени бизнис интереси. Прво, сосема е несериозен предлогот на Жерновски кој ни го доставија на дневен ред, да гласаме за програма за располагање со градежно земјиште за 2013 година, на само неполни два месеци пред завршување на тековната година. Во која Општина во светот има случај да се гласа годишна програма, на крајот од годината за која таа се однесува и уште поважно, што правеше г-динот Андреј Жерновски цели 7 месеци, период во кој оваа програма можеше да се предложи и усвои. Второ, Општината Центар не може да се стекне со правото за располагање на градежно земјиште, не поради неконструктивноста на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, како што неосновано обвини Жерновски, туку поради неисполнување на законските услови за тоа. Имено Општината Центар нема законско право за тоа, и не ги исполнува елементарните услови предвидени со членот 89 од Законот за градежно земјиште, велат од партијата.

                    СДСМ ја сноси одговорноста што Советот е блокиран, и што граѓаните не може да ги остваруваат своите елементарни потреби и интереси. Апелираме на разумност и бараме конструктивност. Ние имаме добра волја да поддржиме секој предлог кој е во интерес на граѓаните на Центар, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.

 

 

 

06.11.2013 - 15:30

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега